Кинескиот амбасадор во САД ја отфрли теоријата за поврзаност на воени истражувања и коронавирусот

EPA-EFE/STRINGER CHINA OUT

Кинескиот амбасадор во Вашингтон, Цуи Тјанкаи, во неделата ги нарече „налудничави“ шпекулациите дека појавата на коронавирусот во градот Вухан во централната кинеска покраина Хубеи на крајот од декември е поврзана со наводна програма за развој на биолошко оружје.

„Многу е лошо и опасно да се подгреваат шпекулациите и сомневањата, како и тие да се шират меѓу луѓето. Прво, тоа ќе предизвика паника. Покрај тоа, ќе доведе до расна дискриминација, ксенофобија, што навистина може да им наштети на нашите заеднички напори за борба против вирусот“, изјави шефот на кинеската дипломатска мисија во САД во интервју за телевизиската мрежа CBS News.

„Секако, има многи различни шпекулации и слухови. Има луѓе коишто велат дека вирусот се појавил во воена лабораторија – не во Кина, можеби во САД. Како можеме да веруваме во сиве овие налудничави изјави? Тоа е апсолутно безумно“, додаде амабсадорот Цуи.

Амбасадорот истакна дека сѐ уште не е познато потеклото на новиот сој коронавирус кој зеде повеќе од 800 жртви, а уште десетици илјади се заразени.

„Нашите научници… кинеските, американските, научнциите од другите земји… настојуваат да дознаат што повеќе за вирусот (…) Сѐ уште не знаеме (од каде потекнува). Веројатно, според некои првични резултати од истражувањето, тој произлегува од некои животни, но треба да дознаме повеќе за тоа“, констатираше Цуи Тјанкаи.

Амбасадорот истовремено призна дека реакциите на кинеските власти на првите извештаи од теренот за појавата на вирусот не била доволно брза.

„Тоа можело да се случи секаде. Но ние правиме сѐ што можеме за да исправиме тоа“, уверува кинескиот амбасадор.

Уште на 4-ти февруари, портпатолот на Светската здравствена организација (СЗО – WHO),. Тарик Јазаревич, изјави дека нема доказа коишто ја поткрепуваат теоријта дека новиот сој на коронавирусот 2019-nCoV „би можел да потекнува од лабораторија во Вухан, поврзана со тајна кинеска програма за биолошко оружје“. Претходно таквата претпоставка ја изнесе американскиот весник The Washington Times.