Кинескиот претседател Кси Џинпинг на средби со грчкиот државен врв

Со претседателот на Грција Прокопис Павлопулос и со премиерот на земјата, Кирјакос Мицотакис, ќе оствари денес средби претседателот на Народна Република Кина, Кси Џинпинг кој од вчера е во официјална посета на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Кси Џинпинг синоќа пристигна на атинскиот аеродром, а беше пречекан од шефот на грчката дипломатија Никос Денсиас и генералниот секретар на грчкиот претседател, Јоргос Гениматас.

Во попладневните часови, претседателот на Кина ќе го посети седиштето на кинеската компанија COSCO на атинското пристаниште Пиреас, а утре во придружба на неговиот домаќин, грчкиот претседател, ќе го посета музејот на Акропол.

Претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, во интервју за кинеската телевизија CCTV вели дека посетата на Кси на Атина означува нов период во односите меѓу двете земји.

Павлопулос истакнува дека економските односи меѓу Грција и Кина се во корист и на двете земји особено по 2006 и инвестицијата на COSCO.

Претседателот на Кина, минатиот понеделник се сретна со грчкиот премиер во рамките на посетата на Кирјакос Мицотакис на Шангај и учеството на Меѓународниот саем. На средбата, според грчки владини извори биле потврдени врските на пријателство и соработка меѓу двете земји и станало збор за областите во кои може да се зајакне и прошири оваа соработка.