Кинеските компании суштински го менуваат пазарот на е-автомобили

Кинеските технолошки компании би можеле суштински да го променат пазарот на електрични автомобили во наредните години, смета германскиот експерт, заклучувајќи дека се сменети улогите во автомобилската индустрија.

Се чини дека сме сведоци на најголемата трансформација на автомобилската индустрија во историјата, вели Фердинанд Дуденхофер во истражувањето за Кина, најголемиот пазар на автомобили во светот.

Според него, двигатели на промените се компаниите како „Huawei“ и „Xiaomi“, кои првично се стекнаа со слава во странство како производители на паметни мобилни телефони. Сега овие технолошки компании развиваат возила со производители на автомобили и обезбедуваат софтвер клучен за „„паметните“ автомобили, вели Дуденхофер, издвојувајќи го примерот на лимузината SU7 на „Xiaomi“ и брендот е-автомобил Avatr, кој „Huawei“ го разви со производителот на батерии CATL и други компании.

„’Xiaomi’ не го произведува самиот SU7, тој е склопен од кинескиот производител на автомобили BAIC“, истакнува Дуденхофер. „Huawei“, од друга страна, го испорачува својот оперативен систем „Harmony“ и на тој начин ја покренува гласовната контрола во автомобилите Avatr.

Германскиот експерт очекува да се сменат улогите во автомобилската индустрија, велејќи дека повеќето од денешните автомобилски компании моментално само склопуваат автомобили и ја играат улогата на снабдувач на технолошките гиганти, а не обратно.

Технолошките компании обезбедуваат екосистем и софтвер за автомобили, вели тој. „Свиткувањето на металот стана здодевно“, смета Дуденхофер.

Кина е најважниот и многу конкурентен светски пазар за електрични автомобили. Кинескиот BYD и американската „Tesla“ се во мртва трка за клиентите.

Германските производители на автомобили се најважни во Европа, но не можат да го издржат чекорот. Во четвртиот квартал од 2023 година, BYD првпат ја престигна „Tesla“ во однос на продажбата на електрични возила, а за околу 10 години ќе ја симне јапонската „Toyota“ од позицијата на најголемиот производител на автомобили во светот, прогнозира Дуденхофер.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.