Кинеските научници откриваат како коронавирусот реагира на влажна средина

Коронавирус SARS-CoV-2 кој ја предизвикува респираторната болест Covid-19 веројатно може да се сокрие во осој и по некое време повторно ги заразува луѓето, вели Гао Фу, шеф на Кинескиот центар за контрола и превенција на болестите и член на Кинеската академија на науките.

„Вирусот се крие во сенка, во влажно, релативно загадено опкружување, што ние не сме го сфатиле, а по некое време одеднаш се појавува и заразува голем број луѓе“, изјави Гао Фу за кинеската централна телевизија.

Според него, многу е веројатно дека сегашното ново појавување на коронавирусот во Пекинг не започнало кон крајот на мај или на почетокот од јуни, туку еден месец порано.

„Веќе има многу асимптоматски носители и пациенти кај коишто инфекцијата е блага, а тоа е можно само во случај кога во опкружувањето можело да има толку многу вируси. Ова е наша претпоставка, која бара натамошно истражување, но тоа е предупредување од гледна точка на профилактиката и контролата на епидемијата“, вели кинескиот експерт.

Најголемиот пазар на прехранбени продукти на големо „Ксинфади“ во регионот на кинеската престолнина Пекинг беше затворен на 13-ти јуни, откако епидемиолошката истрага откри коронавирус на даска за сечење лосос, најверојатно увезен од Европа. Властите соопштија дека засега нема докази дела лососот бил носител или посреден домаќин на вирусот.

Претходно соработник на пекиншкиот центар за превенција и контрола на болестите, Ханг Пенг, изјави за медиумите дека според епидемиолошката истрага до денеска, позитивните тестови на коронавирусот главно се добиени на примероците собрани од приземниот кат во халата, каде што се продавало говедско и овчо место. Во тој простор вообичаено имало повеќе луѓе отколку во другите, а покрај тоа говедското и овчото месо, како и морската храна, треба да се чуваат на ниска температура, така што во такви услови на вирусот му било полесно да преживее и да се шири.

Според податоците во средата, во текот на изминатото деноноќие во Пекинг се откриени вкупно 37 нови случаи на Covid-19, од кои 31 потврден случај на зараза и шест асимптоматски носители и сите се поврзани со споменатиот пазар на големо. Покрај тоа, случаи поврзани со пекиншкиот пазар „Ксинфади“ се потврдени и во соседните провинции Хабеј и Жеџијанг. Во моментов во болниците во Пекинг се хоспитализирани по речиси два месеца без потврден случај 137 лица со Covid-19, а 12 асимптоматски носители на вирусот се под лекарски надзор.