Научниците од еден од најпрестижните кинески универзитет дизајнираа роботска рака за којашто тврдат дека би можела да спаси животи во екот на епидемијата од новиот сој коронавирус Covid-19.
Уредот се состои од роботизирана рака на тркала која може да изврши преглед со ултразвук, да земе брисеви од усната шуплина и да „слушне“ звуци коишто ги произведуваат органите на пациентот, за што вообичаено се користи стетоскоп,
Ваквите прегледи ги изведуваат вообичаено самите лекари, но со помош на овој робот опремен со камери, медицинскиот персонал нема да треба нужно да биде во истата просторија во којашто се наоѓа пациентот. Дури, тој може да се наоѓа и во другиот дел од градот.
„Лекарите се многу храбри, но овој вирус едноставно е презаразен“, вели главниот дизајнер на роното, професорот на Универзитетот Цунгуа, Женг Гантие, и додава дека роботските раце може да се користат и за најопасните задачи.
На идејата за роботот дошол во време на прославата на кинеската Лунарна нова година, кога градот Вухан беше затворен, а бројот на заразените и починатите секој ден забрзано растеше. Женг сакал да придонесе во напорите на сите коишто им е потребно да им се пружи соодветната помош.
На првиот ден од Лунарната нова година од пријателот Донг Џиахонг, директорот на пекиншката болница Цунгуа Чангунг, слушнал дека најголемиот проблем е во тоа што здравствените работници „на првата линија на одбраната“ лесно се заразуваат со коронавирусот. Решил да собере тим кој преработил две механички раце со помош на истата технологија која се користи на вселенските станици и за истражување на месечевата површина.
„Роботите се речиси целосно автоматизирани, па дури успеваат и да се дезинфицираат по прегледот на пациентот. Но лекарите велат дека е подобро да се прибегне кон што помала автоматизација, бидејќи присутноста на лекарот го смирува и го утешува пациентот“, појаснува Женг.
Екипата моментално располага со два робота, од кои еден сѐ уште е во универзитетската лабораторија, а другиот е во болницата „Вухан Јунион“, каде во четвртокот лекарите започнаа да се оспособуваат за неговата употреба.
„Доколку сѐ се движи според планот, роботот ќе почне да се користи на пациентите заболени од коронавирусот во Вухан од недела“, вели Женг.
Научникот додава дека би сакал да изработи уште слични роботи, но средствата на универзитетот се потрошиле. Изработката на еден ваков робот чини 72.000 американски долари.