Кипар ги затвора границите, потврден 21 случај на Ковид-19

Забрана за влез на Кипар од утре до 30 март 2020, за сите кои што не се државјани на островот, немаат легален престој, не се дипломати или студенти, а се странски државјани, објави синоќа претседателот на Кипар, Никос Анастасиадис во обраќањето до јавноста. Во земјата веќе е потврден 21 случај на Ковид-19, јави дописничката на МИА од Атина.

Кипарскиот претседател соопшти дека во првата фаза Владата одлучила од утре и во период од 15 дена да се забрани влез на сите граѓани кои не припаѓаат во категориите: државјани на Кипар, лица со легален престој во земјата, државјани на ЕУ или трети земји кои работат на Кипар, дипломати, странски студенти кои студираат на островот.

Анастасиадис истакна дека конкретните мерки не влијаат на непречените трговски активности, со оглед на тоа дека нема никакво ограничување на увозот и извозот на производи.

Бројот на позитивни случаи на коронавирусот на Кипар секојдневно се зголемува, а само во текот на вчерашниот ден беа потврдени 11 нови случаи. Министерството за здравство на Кипар доцна синоќа соопшти дека уште седум лица се заразени со коронавирусот, со што вкупниот број се искачи на 21 лице.