Кирацовски: Ако не добиеме датум за преговори во декември, Димитров да поднесе оставка!

Поранешниот генерален секретар на СДСМ и пратеник, Александар Кирацовски, во интервју за Фокус вели дека вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров треба да поднесе оставка доколку земјава не добие датум за преговори со ЕУ во декември.

–Базирајќи се на фактичката состојба, сè уште присутната реторика на Каракачанов и министерката Екатерина Захариева и претстојните избори во Бугарија следната година, веројатноста да добиеме датум за преговори во декември е многу мала. Неправедно е, но таа е реалноста која наместо во канонада напади едни кон други треба да ја преточиме во демонстрација на национално единство. Но, во тој случај соодветна реакција кон меѓународната јавност мора да има. Не пишана или соопштена, туку реална и изразена преку достоинствена оставка на ексминистерот за надворешни работи и актуелен министер за евроинтеграции Никола Димитров. За да не бидам веднаш погрешно разбран – зборувам за херојска и достоинствена оставка која ќе испрати силна порака дека неоправданото одолговлекување на нашата ЕУ интеграција, вон наша моќ и вина, станува неприфатлива и не чини многу. Првиот аргумент кон тој потег лежи во депласираноста на неговата актуелна функција (која како порака треба да остане празна) без почеток на преговорите со ЕУ, а вториот аргумент е поврзан со наивноста (за време на неговото, за волја на вистината, мошне успешно министерување со надворешната политика) да се потпише и ратификува договор со Р. Бугарија кој нема цврсти меѓународни гаранции дека историјата останува на историчарите, а нашиот почеток на ЕУ преговорите е безусловен и независен од исходот на Комисијата за историски и образовни прашања. Тоа не спречува истиот да биде повторно ангажиран во значајните процеси, а во иднина, штом се отпочнат преговорите, да направи уште подостоинствен камбек – вели Кирацовски во интервјуто за Фокус.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.