Кире Лазаров меѓу 20-те најплатени ракометари во Европа

Кире Лазаров важи за еден од најдобрите ракометари во Европа на сите времиња. Дури со 40 години тој е во врвот на ракометот и очекувано е меѓу најплатените ѕвезди.

Според листата на плати што ја објави порталот „Спортекз“, македонскиот капитен во Нант заработува 30.000 евра месечно и влегува во 20-те најплатени на Стариот континент. Лазаров сепак е многу далеку во однос на примањата на најплатениот ракометар, а тоа е Микел Хансен од ПСЖ со фантастични 120.000 евра месечно. Уште еден Данец, заработува шестцифрена плата, а тоа Ханс Линдберг, кој од Фуксе Берлин добива 100.000 евра месечно.

Никола Карабатиќ исто така има плата од 100.000 евра во ПСЖ, а неговиот брат Лука е со примања од 75.000 евра месечно. Лик Абало добива 85.000, а Мишел Гигу е најплатениот играч на Монпелје со 80.000 евра.

Во Барселона тројца играчи се најплатени со примања од 50.000 евра, а тоа се Алеш Гомез, Аитор Арињо и Раул Ентрериос.

Оваа листа на порталот „Спортекз“ дефинитивно е некомплетна, бидејќи немаат информации за други ракометни ѕвези од тимови како Веспрем, Кјелце или од Вардар, како и за играчи од типот на Лука Циндриќ, Домагој Дувњак, Тимур Дибиров и други ѕвезди.