Градежни активности за реконструкција на неколку сообраќајници се одвиваат во населбите Пржино и Црниче. Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски изврши увид на потегот со вкупна површина од 4800 квадратни метри кои ги опфаќа краците 1, 2 и 3 на улицата „Мариовска”, како и улиците „Баница” и „Кратовска”.
-Денес започнуваме со градежен зафат за реконструкција на неколку улици во населбата Црниче, конкретно „Баница” и „Кратовска”, со површина од 3300 квадратни метри и крaците 1, 2 и 3 на Улицата „Мариовска” во Пржино, со опфат од околу 1500 квадратни метри. Повеќе од 30 години овие сообраќајници никој не ги реконструирал, што е евидентно од состојбата во која во моментов се наоѓаат. Јас, како градоначалник досега многупати имам кажано дека нема да има заборавени улици, заборавени населби и дека до крајот на мојот мандат сите улици бидат асфалтирани. Граѓаните се оние кои ми ја дадоа довербата која планирам целосно да ја оправдам. Овој проект е уште една потврда на кажаното и уште еден чекор напред во обновата на патната инфраструктура на Општина Кисела Вода-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.