Кисела Вода со над 120 нови проекти за 2023 година, порача Ѓорѓиевски

Годината која што помина беше турбулентна, но сепак ги исполнивме вашите очекувања. Оваа година покажавме дека може поинаку и дека можеме да наметнеме ново темпо и нова динамика во исполнување на сето она кое што беше ветено во кампањата. Покажавме дека можело поинаку, без да се крадат парите на граѓаните и без да се ставаат под тепих проблемите. Заеднички со вас испишуваме нови стандарди во работењето и во креирањето на новиот буџет и проекти за идната година, истакна градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски при неговото обраќање во кампањата „Промените на дело“ .

Градоначалникот Ѓорѓиевски во текот на своето обраќање најави и проекти кои што се планирани за следната година.

– Дадовме приоритет на граѓаните и на нивните проблеми. Преку отворениот повик за проектирање на буџетот, добивме одлични предлози од кој што голем дел се вклучени во буџетот за оваа година. Оливер Стојановски побара решавање на проблемот со водоснабдување во Стаклара. Со огромно задоволство можам да соопштам дека овој проект е дел од новиот буџет и оваа година ќе почне со реализација на ова барање. Жителите на Припор побараа асфалтирање на 7 улици и ова исто така ќе биде реализирано во наредната година. Оваа година ќе направиме и многу други проекти. Целосна реконструкција на мостот Киро Фетак во Драчево, реконструкција на патната инфраструктура во 11 Октомври бараки. Реконструкција на улици и во другите населени места, но и уште една нова, трета по ред градинка во Кисела Вода во Расадник, како и уште над 120 нови проекти за наредната година во нашата општина, рече Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски им порача на граѓаните дека промените се случуваат и дека општина Кисела Вода ќе оди напред.

– Општина Кисела Вода ќе оди напред. Не ги забораваме проблемите на народот и со сите сили се бориме да создадеме заедничка иднина. Покажуваме разлика и решаваме децениски барања на нашите сограѓани. Промените се случуваат во Кисела Вода и вие го забележувате тоа, Промените на дело, додаде тој.

Исто така обраќање за кампањата „Промените на дело“ се обрати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој порача дека во општина Кисела Вода ќе се реализираат многу проекти и ќе се решат многу проблеми на граѓаните. Претседателот Мицкоски потсети дека ВМРО-ДПМНЕ на секоја опструкција од власта одговара со многу работа заедно со народот.

– Кога ја баравме вашата доверба ви ветив дека нема да бегаме од проблемите. Една година потоа ви велам дека заеднички ги решаваме проблемите. И покрај сите кочници и брании кои ги поставува владата ние одиме напред и заеднички создаваме иднина. Изминатата година во општина Кисела Вода се инвестираа повеќе од 200 милиони евра. Оваа година следува офанзива во реализација на капиталните проекти во висина од 150 милиони денари. И конечно ќе започне да се гради нов мост на улицата Киро Фетак во населба Драчево. Ќе се изградат многу други проекти, ќе се решат многу други проблеми. Има разлика. Ние на секоја опструкција одговараме со многу работа и секогаш заедно со народот, без поделби, без омраза, со многу посветеност и желба за заедничка иднина. Промените на дело, вели Мицкоски.