Кисела Вода првпат ќе добие модерен затворен пазар

Поставен е камен темелник, со што започна изградбата на новиот затворен пазар во Кисела Вода. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски пред присутните го истакна задоволството што после три декади, оваа општина за првпат добива современ простор со целосна инфраструктура кој за жителите ќе биде пристојно место за набавка на свежо овошје и зеленчук, а за пазарџиите, квалитетен простор за пласман на нивните производи. Воедно, потенцираше дека ова е еден од ветените проекти во неговата програма, чија реализација за само една година изнесува околу 70 проценти од предвиденото.
-Денес за прв пат во триесет години, отпочнуваме еден ваков капитален проект. Моите сограѓани ќе добијат современи услови за пазарење односно еден нов, модерен, ултрасовремен, затворен пазар, нешто што во мојата општина недостигаше повеќе од 30 години. Во мојата програма се обврзав дека ќе изградиме два вакви пазара, па еве, на истекот на првата година од мојот мандат веќе го почнуваме овој пазар кој што треба отприлика за два месеци да биде готов, а за многу скоро како медиуми ќе бидете повикани и во Драчево каде што ќе започнеме со изградба на уште еден ваков ултра модерен, современ, затворен пазар како што доликува за нашата современа општина. На истекување на година дена од мојот мандат со програмата веќе финишираме или отпочнуваме проекти како денешниов. Реализацијата на проектите изнесува околу 70% од она на кое сме се обврзале за изборите пред нашиот народ, рече Ѓорѓиевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.