Кисинџер повикува на преговори за мир во Украина

Наближува времето да се преговара за мир во Украина за да се намали ризикот од нова катастрофална светска војна, но соништата за распарчување на Русија може да предизвикаат нуклеарен хаос, изјави таткото на американската дипломатија Хенри Кисинџер.

Кисинџер (99), кој, како државен секретар под претседателите Ричард Никсон и Џералд Форд беше архитект на политиката на олабавување на тензиите со Советскиот сојуз за време на Студената војна, се сретна со Владимир Путин во неколку наврати откако тој стана претседател на Русија во 2000 година.

Засега не се наѕира излез од конфликтот кој започна со руската инвазија на Украина на 24 февруари, во која загинаа десетици илјади луѓе, а милиони беа принудени да ги напуштат своите домови. Русија моментално контролира речиси една петтина од територијата на Украина.

„Се ближи времето да се надградат стратешките промени и да се интегрираат во нова структура насочена кон постигнување мир преку преговори”, напиша Кисинџер во магазинот „Спектатор”. „Мировниот процес мора да ја поврзе Украина со НАТО на категоричен начин. Алтернативата за неутралност повеќе нема да има смисла”, напиша Кисинџер во написот насловен „Како да се избегне уште една светска војна”.

Тој истакна дека во мај предложил прекин на огнот во кој руските сили ќе се повлечат на своите позиции пред инвазијата, а судбината на Крим ќе биде предмет на преговори.

„Разделувањето на Русија или уништувањето на нејзината способност да води стратешка политика, може да ја претвори нејзината територија која опфаќа 11 временски зони, во оспорен вакуум, околу кој сите би се бореле”, напиша Кисинџер.

„Нејзините ривалски заедници може да одлучат да ги решат своите спорови со сила. Другите земји може да се обидат да ги прошират своите барања со сила. Сите овие опасности би ги продлабочиле илјадниците нуклеарни боеви глави што ја прават Русија една од двете најголеми нуклеарни сили”, додаде Кисинџер.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.