Ќе летаме кон САД за 10 евра!?

Мајкл О’Лири, извршен директор на нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“, најавил дека кон средината на неделата неговата компанија ќе воведе летови до САД, за кои цената нема да биде повисока од 10 евра.

„Рајанер“ за почеток од Европа ќе лета кон Њујорк и Бостон, најавил О’Лири на годишната конференција на ирски хотелиер одржана пред  три дена , пренесува „Дејли телеграф“.

Најевтината карта до САД ќе чини 10 евра, додека карта за лет до Европа ќе биде уште поевтина – ќе чини вкупно 7,30  евра. Уште не е познато од кои европски градови ќе летаат патниците на „Рајанер“ кон САД.

„Секако дека нема цената на картите да биде 10 евра за сите седишта“, објаснил О’Лири, „и сосема е сигурно дека ќе има многу повеќе седишта во бизнис и премиум класата“.

Тој додал дека статистиката со која располага компанијата покажува дека 15 отсто од патниците се согласни да платат поевтина карта под услов да плаќа за сите останати додатоци и сервиси на летот. Токму на тоа поле „Рајанер“ ќе се обиде да заработи повеќе пари, а не на цените на картите.

„Ние можеме да заработуваме дури и продажба на карти по цена од едно евро за европските летови“, изјавил О’Лири.

Тој објаснува дека првите летови ќе бидат воведени половина година откако „Рајанер“ ќе ја формира својата флота за прекуокеански летови. Меѓутоа, британските аналитичари предупредуваат дека тој процес на купување на нови авиони и нивно сервисирање би можел да потрае и до пет години, со оглед на тоа дека О’Лири тврди дека „Рајанер“ во прекуокенаската авантура  ќе тргне со неколку десетина авиони.