Ќе се унапредува квалитетот на екстерното тестирање

Екстерното тестирање кое што како значајна и суштинска реформа која за прв пат се спроведе минатата година е од битно значење за унапредување на квалитетот на образовните процеси, па затоа Владата  на минатата седница го разгледуваше и го усвои моделот и концептот кој ќе се применува во реализацијата на претстојниот процес на екстерното тестирање.

Усвоениот концепт и модел кој го промовираме суштински ќе придонесе за остварување на повеќе цели, како што нагласи владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев, доаѓа до сериозно унапредување на квалитетот на реформата, се унапредуваат стандардите за полна отвореност и транспарентност на целокупниот процес, во процесот доаѓа до засилена вклученост на сите засегнати страни во полниот негов тек и доаѓа до издигнување на приоритетот на знаењето за сметка на стресот, со што се создаваат порелаксирани односи и се обезбедува ефикасност и ефективност за страните.

„Сакаме да информираме дека од оваа учебна 2013/2014 година, практично ќе се применува значително унапреден модел на екстерното тестирање, верификуван од сите засегнати страни, со кој ќе се елиминираат евентуалните технички, процедурални или недостатоци од било каква друга природа, а со тоа и обвинувањата и опструкциите, кои во изминатиот период најчесто беа со политичка позадина“, рече министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

Значајна новина во целиот овој процес е тоа што, рече ресорниот министер, што оваа учебна година, креираме таканаречен јавен/отворен „базен“ на прашања за сите предмети во основно и средно образование кои се дел од екстерното тестирање. Тоа значи дека прашањата нема да бидат непознати за учениците и тие ќе имаат доволно време да се подготват за тестовите.

„При процесот на изготвувањето на прашањата, кој е веќе во тек, во предвид се зема застапеноста на наставниот предмет во наставниот план, односно неделниот фонд на часови по конкретниот предмет. Така на пример, за наставен предмет кој е застапен со 1 час неделен фонд во наставниот план за основно и средно образование, ќе се изготват 100 прашања, за наставен предмет кој е застапен со 2 часа неделен фонд во наставниот план за основно и средно образование, ќе се изготват 200 прашања, за наставен предмет кој е застапен 3 часа, 300 прашања и така натаму…Тематски, прашањата ќе се однесуваат на содржини, односно теми, компоненти и подрачја во наставните програми, кои не се тешки за помнење, а суштински се многу значајни, што ќе придонесе за стекнување на практично применливи знаења во понатамошните образовни и работни циклуси во животот“, појасни Ристовски.

Тие, како што рече тој, ќе бидат јавно достапни 30-тина дена пред полагањата, а точно три дена пред екстерното тестирање секој ученик ќе знае точно и по кои два предмети ќе се проверуваат неговите постигања.

„Секој ученик, родител, наставник, конечно секој граѓанин, доколку увиди и има забелешка за одредено прашање по било кој основ, ќе има можност преку посебен формулар и на точно наведена мејл адреса да пријави, заради евентуална корекција на соодветното прашање, со цел ниту еден ученик да не биде оштетен. Оваа учебна година со екстерното тестирање ќе бидат опфатени и учениците од завршните години во средните училишта, а коишто беа изземени од тестирањата во минатата година. Овие ученици ќе полагаат екстерни тестови на почетокот на второто полугодие, на 22  и 24 јануари. Сите останати ученици кои не припаѓаат во завршните години од образование ќе полагаат кон крајот на годината“, појасни тој.

Полагањето кое се однесува на учениците од завршните години на образование и кое ќе се одвива на 22 и 24 јануари, ќе биде идентично како и за сите останати ученици. Прашањата за овие ученици ќе бидат јавно достапни на 25 декември, додека на 19 јануари секој ученик ќе знае по кои 2 предмети ќе се проверуваат неговите постигања. Фондот на прашања за овие ученици од завршните години ќе се однесува на материјата која тие ја изучувале и совладале во првото полугодие, имајќи предвид дека за учениците од завршните години на крајот од учебната година останува полагањето на државната матура, односно завршниот испит, што значи дека фондот ќе биде за 50 отсто помал во однос на оние учениците кои ќе полагаат екстерно на крајот на годината.

„Не очекувам да се појават било какви проблеми од процедурална природа, неинформираност и слично, затоа што тоа се ученици кои веќе имаат искуство, односно за нив ова ќе биде втора година во која се врши проверка на нивните знаења, со тоа што, повторно напоменувам, олеснителна околност е достапноста на прашањата, некаде од прилика околу 60.000 прашања кои ќе бидат објавени на 25 декември, а кои ќе се однесуваат на сите предмети од сите струки. Тоа значи дека тогаш за секој ученик ќе се однесуваат 2 000 до 3 000 прашања, при што на 19 јануари со објавувањето на предметите кои секој ученик ќе ги полага, ќе може да види во кој дел е потребно да се фокусира, односно квантумот на прашања ќе се стесни, од 200 до 400 прашања“, рече на денешната прес- конференција министерот за образование и наука.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.