Ќе се воведе регистар за сите продадени недвижности

Бесплатна изработка на елаборати  за легализација на дивоградби за околу 40.000 лица приматели на социјална помош и постојана парична помош,  воведување регистар на цени на пазарот на недвижности, во кој ќе се внесуваат  цените на сите продадени недвижности во земјава, и создавањето електронски шалтер на Катастарот, кој што ќе им помогне на граѓаните да ги соберат потребните податоци. Ова се новите измени во Законот за катастар што ги најави  премиерот Никола Груевски при денешната посетата на Велес.

„Досега имаше електронско поврзување на Катастарот со нотарите, а отсега ќе има и со судовите, обвинителите и со матичната евиденција, како и со поголем број други институции во државата кои имаат потреба од катастарски податоци. Така што, Катастарот и огромен број институции, ќе бидат електронски поврзани. Услугите од Катастарот ќе се користат по електронски пат што значително ќе ја забрза работата во услужувањето на граѓаните“, појасни Груевски.