Клаудија Кардинале: Јас не сум дива, јас сум обична жена!

На денешната прес конференција на ИФФК „Браќа Манаки“ беше претствен тимот од филмот „Благородни лаги“ кој синоќа беше прикажан во чест на Клаудија Кардинале, добитничката на Специјалната Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност. Изненадување за новинарите денеска беше што дојде и Клаудија Кардинале, заедно со Паоло Роси, продуцент на филмот и Емануела Закерини, продуцент.

Директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска ја претстави екипата истакнувајќи дека филмот „Благородни лаги“ снимен во 2017 година предизвика големо интересирање во јавноста, а Кардинале дополни дека многу и’ се допаднала улогата во филмот.

Ми се допадна сценариото и ентузијастички реагирав на него, бидејќи беше и дебитантски филм на режисерот Антонио Пису. Јас во филмот играм старица, мажена сум за еден постар човек и имам еден постар брат, но морам да кажам дека бев опкружена со многу добри актери и сметам дека за еден филм е многу важно да се има добра актерска екипа. Кинематограферите ми оставија голем впечаток, бидејќи тие се многу важни, а од режисерите омилени ми се Висконти и Болоњини. Инаку немам омилен кинематографер, со сите имам одлична соработка. Не, не, не јас не сум филмска дива, јас сум обична жена! – извика Клаудија Кардинале.

Паоло Роси заблагодарувајќи се на дадениот простор на фестивалот рече дека за филмот ја одбрал Клаудија бидејќи е многу посебна личност.

Таа живее нормален живот, а не како ѕвезда и тоа е она што им се допаѓа на луѓето секаде во светот. Благодарен сум и за поддршката, бидејќи таа знае колку е тешко да се дебитира во Италија со независна продукција и сакаше да ни помогне. Таа не е како Софија Лорен  и другите ѕвезди. Најпознатиот италијански филмски критичар за овој филм вели дека со оглед на тоа дека е многу тешко денеска да се направи независен филм, ова дело ја надминало таа препрека токму затоа што е различен од останатите филмови во италијанската кинематографија, рече Роси.

Паоло е исклучителна личност, професионалец во секоја смисла и сметам дека филмот ќе остане запаметен и ќе има едно ново влијание во филмскиот свет, рече Закерини.

Сите членови на екипата беа едногласни дека им се допаѓа Битола, организацијата на фестивалот и се фасцинирани од мозаиците во Хераклеа и од македонската кујна.

Кинематограферот на филмот „Транзит“, Ханс Фром ги сподели искуствата од снимањето на филмот, кој синоќа беше прикажан во рамките на главната програма. Со оглед на тоа дека филмот се одвива во Марсеј каде се среќаваат бегалци од Втората светска војна и бегалците од денешницата, гостинот во разговорот со селекторот Благоја Куновски-Доре, се осврна на состојбата со бегалците.

Тоа е многу актуелна приказна, тоа се негативните искуства на современа Европа која сега мора да се справи со бегалците. Германија не беше толку строга во однос на политиката кон бегалците, но се појавуваат десничарски партии кои се против бегалците или кои сакаат да го спречат протокот на емигранти. Морам да кажам дека она што се случува во Германија, е дека главно луѓето не се наклонети кон исклучување на мигрантите или кон некој вид на неофашизам, рече Фром.

Режисерот на филмот „Глуво дете“, Алекс де Ронде во разговор со Марија Џиџева, селектор на документарната програма, говореше за мотивите за снимање на фимот и справувањето со проблемите на глувите лица.

Главната мотивација да го направам филмот „Глуво дете“ беше тоа што повеќето други филмови за глуви деца многу повеќе се осврнуваат на хендикепот што мора да биде поправен од докторите или учителите, но мојата главна цел беше да го прикажам глувото дете како дел од едно културно малцинство, со сопствен јазик и сопствена култура. Едноставно сакав да порачам дека сум загрижен за иднината на глувите деца. Секаде во светот училиштата за глуви деца се затвораат, тие треба да одат во редовни училишта и таму не им е лесно, рече Алекс де Ронде.