Клековски: Денешната одлука на Заев да се откаже од министерското место а да раководи со министерството, ќе има исто така правни проблеми

Денешната одлука на премиерот Зоран Заев да ретерира од министерското место во ресорот финансии, а да раководи со министерството ќе има, исто така, правни проблеми, оцени во средата аналитичарот Сашо Клековски во емисијата „Вин вин“ на Телма телевизија.

Клековски, покрај другото, посочи и дека доколку премиерот го раководи министерството за финансии ќе дојде до блокада, бидејќи ќе нема кој да ги потпишува документите.

Ми се чини дека и денешната одлука да се ретерира од министерското место, а да се раководи со министерството има исто така правни проблеми. Како што бев брифиран денеска од правници, има одлуки во судскиот систем во кои не се признаваат решенија и одлуки кои не се потпишани од министер. Вклучувајќи дури и ако се потпишани од заменик министер, бидејќи во законите децидно стои дека одлука носи министер. Толкувањето на нашите судски инстанци, вклучувајќи го и Уставниот суд, дека единствен важечки потпис на документите е од министерот, во една таква ситуација воопшто не ми е јасно како премиерот планира да раководи со министерството. Мислам дека од еден проблем влегуваме во друг без до крај истражени политичко – правни последици. Овој чин на реконструкција вклучувајќи ги последователните дејности се вклопуваат во стилот на владеењето на оваа влада. Значи ние имавме конечен договор за бесконечност, зборам за Преспанскиот договор, имавме датум без датум, сега имаме реконструкција без реконструкција. Сетете се само на Илинденска Македонија, па по жестоките реакции премиерот се повлече од таа одлука, рече Клековски.