Клетников: Aко ни се земе името, ќе бидеме мртовци без идентитет!

Спорот за името повторно ја разбранува македонската јавност, откако неколку странски медиуми неодамна објавија дека Македонија разгледува предлози за нејзиното привремено име во обид да го откочи грчкото противење на нејзиното членство во НАТО. Гардијан напиша дека Македонија и Грција се блиску до решавање на 27-годишниот спор, додека пак објавата во Тајмс гласеше „Македонија се обидува да влезе во НАТО под ново име“.

Според аналитичарите промена на името за сметка на тоа земјава да биде дел од ЕУ и НАТО би било смрт за македонската историја и идентитет. Апелираат дека преговорите за менување на уставното име на земјава мора под итно да бидат прекинати.

„По дефиниција секое преговарање за име е понижување на еден народ, а името во случајов го условуваат со влез во ЕУ и НАТО, меѓутоа ниту едното ниту другото не се вредни за промена на името, бидејќи бришењето на името на еден народ е директен геноцид и Европа го покажа тој геноциден елан кон нас уште со Лисабонската декларација во 1991 година. И не само што тие не понижуваат веќе 25 години, туку не понижуваат и нашите политички елити кои преговараат за името. Значи за име не се преговара. Според мене преговорите за името претставуваат евентуално велепредавство. Сметам дека треба итно да  се прекине со таквите преговори и да прекине понижувањето на овој народ, а политичарите да кажат дека немаме цена за името“, смета еден од организаторите на Македонски манифест и аналитичар Ефтим Клетников.

Тој додава дека ако по цена на лишување од сопствениот идентитет бараме влез во ЕУ и НАТО, ќе станеме безимена и безидентитетска маса.

„Треба да се поведе борба за одбрана на името, со сите средства и народот треба да се разбуди и да повика на борба со етика, морал, духовно па макар и физички, за да се одбрани по секоја цена, зошто ако ни се земе името, ние ќе бидеме мртовци без идентитет во Европа, а тоа е ништо“, додава Клетников.

Дека името на Македонија е длабоко врежано во сржта на нашиот идентитет и не смее да се менува по никоја цена, сметаат и од Обединетата македонска дијаспора. Оттаму порачуваат дека македонските лидери имаат апсолутна должност да го почитуваат уставното име на Република Македонија и оти нема да го признаат, нити поддржат „взаемното прифатливо решение” – еуфемизам за промена на името, ниту напорите на кој било политички субјект во Македонија за спроведување референдум за прифаќање на компромисно име договорено на преговарачки стол.

омд„Името на Македонија е длабоко врежано во сржта на нашиот идентитет и тоа е составен дел од нашата вековна борба за самоопределување и суверена независност. Тоа не е нешто за што смее да се преговара преку практична политика и дипломатија. Македонците во границите на сопствената држава, но и македонското малцинство што живее во Албанија, Србија, Бугарија и Грција, заедно со нашата дијаспора, на глобално ниво, нема да прифатат апсолутно никаква промена, нити пак размена на нашето име и идентитет за членство во некоја меѓународна организација или сојуз“, велат од ОМД.

Тие додаваат дека континуирано ги поддржуваат напорите на Република Македонија за влез во ЕУ и НАТО, но не по цена на промена на името.

„Со децении, Грција е главната пречка во барањата на Македонија за поголема регионална стабилност и безбедност. Низ годините, Македонија докажа дека е подготвена да се справи со грчкиот проблем – особено со менување на своето знаме и реафирмирање на мировната намера во нејзиниот Устав, во обид за помирување. Сите овие чекори на добра волја не вродија со плод, бидејќи Грција покажа неразбирлива нефлексибилност во поглед на аспирациите на Македонија во насока на обезбедување заслужено членство во НАТО и во ЕУ, но особено кон напорите за меѓународно признавање на нашето уставно име“, потенцираат од ОМД.

Потсетуваат дека 135 земји, меѓу кои и четири од постојаните пет членки на Советот за безбедност на ОН, целосно воспоставија дипломатски односи со Македонија под нејзиното уставно име.

„Имајќи ги во вид значителните вложувања и жртви, како и посветеноста на мир и стабилност во регионот и пошироко, ОМД цени дека Македонија постојано се докажува и одамна потврди дека заслужува, без условувања, да биде вклучена во за нас витално важните организации како НАТО и ЕУ, но само под нејзиното уставно име. Таквиот влез не само што ќе служи како симбол на единство во време на зголемување на регионална нестабилност, туку ќе претставува и знак на цврста посветеност на принципите на самоопределување, суверенитет и демократија“, порачуваат обединетата македонска дијаспора.