Клиниката за нефрологија со нов систем за реверзна осмоза за поквалитетно лекување на бубрежно болните

238

Нов систем за реверзна осмоза, која значително ќе го подобри квалитетот на лекувањето на болните со хемодијализа е пуштен денеска во употреба на Клиниката за нефрологија.

Со инвестицијата вредна 3,9 милиони денари е обезбедена од буџетот на Клиниката се обезбеди  нова постројка за обработка на водата која ќе овозможи квалитетна вода за дијализа и ќе ја замени старата која се користела веќе две децении. Првпат во Македонија се воведува топлотна дезинфекција на системот за дистрибуција на водата. Класичниот начин на обработка на вода е присутен и во другите центри за дијализа.

„Квалитетна вода за хемодијализа е многу важна за процесот на лекување на пациентите по својот хемиски состав, по микробиолошки состав таа мора да задоволува строги стандарди пропишани во ЕУ и во американската фармакопеја. Постројката од германско потекло овозможува секогаш да имаме квалитетна вода за дијализа. Оваа постројка има и технолошки напредок-овозможува и континуирана топлотна дезинфекција на системот за дистрибуција на водата“, рече директорот на Клиниката за нефрологија Александар Шиколе

Тој додаде  дека како терцијарна установа со вакво технолошко подобрување ќе  се обезбеди и уште повисок квалитет на хемодијализата и на сите други бубрежни методи кои се основа на лекувањето на пациентите.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека новата апаратура ќе ја користат околу 40 пациенти кои се на хроничен третман на хемодијализа и доаѓаат на амбулатски принцип, сите пациенти кои се хоспитализирани на Клиниката како и од околните клиники.

„Во Македонија околу 1.400 пациенти се лекуваат со хронична хемодијализа и се распоредени релативно добро во мрежата за дијализните центри низ државата. Квалитетот на дијализата е задоволителен“, истакна Шиколе.

Одговарајќи на новинарско прашање за проблемот со хепатитот, укажа дека е сведен на драстично помали вредности од оние кои ги имале во минатото и тоа во сите центри во Скопје: „Дијамед”, ГОБ „8 Септември”, во дијализниот центар во Чаир и во Железара.

Никола Исајловски од фирмата „Флуид проект” која ја конструира постројката за хемодијализа рече дека системот за производство на вода и системот за дистрибуција на вода до дијализните апарати е комплетно нивни проект.

Посочи дека системот е изработен од најсовремени материјали, најсовремени техники за обработка и сочувување на квалитетот на водата. Првпат, нагласи Исајловски, во оваа установа се употребени методите за термичкадезинфекција на водата што нуди во работата сигурност, стабилност, економичност и над се подигнување еден степен повисоко до стандардите за квалитет на вода.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.