Клиниката за стоматологија денес работи до 14 часот, потоа дезинфекција поради МРСА

38

Клиниката за стоматологија денеска ќе работи само прва смена или до 14 часот. Вработените, вели нашиот извор, се известени да дојдат само прва смена.

Причината е да се направи дезинфенкција поради констатирањето дека вработен на Клиниката, протетичар е заболен со бактеријата МРСА. Вчера и денес се прават вонредни испитувања на вработените дали се носители на бактеријата. Но, кај упатените постои сомнеж дали дезинфекцијата и проверката кај вработените се прави по специфични протоклоли кои станува збор за вакви случаи кога постои сомнеж за постоење на бактерии кои се многу отпорни.

Кога станува збор конкретно за оваа бактерија на вработените треба им се земе брис и тоа три пати во одреден период. Тоа е начинот да се детектира дали се носители на бактеријата. Во спротивно со еден брис не се добива соодветен резултат. Од друга страна, дезинфекцијата на просториите во Клиниката исто така е специфична. Меѓудругото, се користат и посебни ламби, наведува нашиот извор.

Истиот објаснува дека сомнежот се јавува поради пишаната изјавата на надлежните на Клиниката за стоматологија дека „превентивно, направена е комплетна дезинфекција на просториите на катот каде вработениот работел, а во тек е дезинфекција и на сите простории“.

По обелодувањето на информацијата министерството за здравство информираше дека нема опасност од зараза со бактеријата МРСА.

 Во установата се преземени сите мерки за дезинфекција и изолирање на бактеријата. Вработениот кај кој е потврдено присуство на бактеријата е изолиран и не доаѓа на работа. Превентивно, извршена е комплетна дезинфекција на просториите на катот каде вработениот работел, а во тек е дезинфекција и на сите простории, информираа од министерството.

Од министерството за здравство нагласуваат дека нема опасност од зараза и Стоматолошкиот клинички центар непречено и континуирано обезбедува здравствени услуги за пациентите.

Сепак, и за ова упатените велат: „Мора да се постапува претпазливо зошто вработениот е протетичар, значи бил во контакт со материјали и површините во Клиниката, но и со доктори и пациенти“.

На претпазливост се укажува поради фактот што станува збор за бактерија која многу лесно се пренесува при ракување, допир, преку површина со која бил во контакт носител на бактеријата.

МРСА предизвикува опасни крвни инфекции, воспаление на белите дробови или инфекции на местото на хируршкиот зафат. Симптомите се појава на булбуси на кожата коишто се црвени, отечени, болни и топли на допир, како и висока температура, грозница, слабост, болки во мускулите и така натаму. Во случаеви на агресивен облик на болеста, доаѓа и до сепса, инфекции на срцевите залистоци или коските и воспаленија на белите дробови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.