Клиниките се враќаат на редовните програми, се затвораат ковид центрите

Од утрово се затворени ковид центрите на клиниките за кардиологија, ОРЛ, Очни болести и на Институтот за физикална терапија. Од почетокот на неделава без ковид пациенти се и клиниките за урологија и пластична хирургија кои веќе почнале со редовен хируршки програм. Во петок ќе се затвори и ковид центарот на Клиниката за трауматологија при ТОАРИЛУЦ, а од понеделник клиниките за ортопедија и за трауматологија започнуваат со редовен хируршки програм, соопшти денеска Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 17 нови пациенти поради компликации од корона вирусот, со што вкупно 258 лица се лекуваат на инфективните одделенија.

Во последното деноноќие, на Интерните клиники имало 9 приеми. Во ковид центарот во ГОБ „8 Септември“ имало двајца примени пациенти и шестмина билe примени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Дома се пуштени 42 оздравени пациенти.

Во ковид центрите на Интерните клиники се лекуваат вкупно 75 пациенти. Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 86 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 89 пациенти, на Иститутот за белодробни заболувања кај децата во Козле има 5 пациенти, а на Клиниката за детски болести има едно дете позитивно на ковид-19.