Клинт Иствуд со 93 години го снима трилерот „Поротник 2“

Холивудскиот ветеран Клинт Иствуд, актер, режисер и продуцент, со 93 години се враќа зад камерите како режисер, снимајќи го филмот „Поротник 2“.

Филмот се снима во американската сојузна држава Џорџија, а во него ќе глумат британскиот актер Николс Хоулт и австралиската актерка Тони Колет, пренесува порталот People.com. Во филмот ќе настапи и канадско-американската ѕвезда Кифер Сатерленд и американската актерка Зои Дојч.

Новиот проект на живата легенда на американската и светска кинематографија е правен трилер чиешто дејствие следи поротник на судење за убиство кој сфаќа дека можеби ја предизвикал смртта на жртвата и мора да се фати во костец со дилемата дали треба да манипулира со поротата за да се спаси себеси или да ја открие вистината и да се предаде.

Ова ќе биде првиот филм на овој повеќекратен добитник на Оскари, по „Cry Macho“ од 2021 година.

Снимањето е продолжено откако многу филмски продукции беа запрени поради штрајкот на актерите во САД кој започна кон средината на јули и заврши неодамна.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.