Клоп го исмева газдата на Челси: Да не сака да ги донесе и Харлем Глоубтротерс против фудбалски тим

Газдата на Челси, Тод Боели предлага во Премиерлигата да биде воведен Олстар натпревар како во американските спортови, каде на пример би се натпреварувале најдобрите играчи од југот против северот.

По вчерашниот натпревар во Лигата на шампиони на прес-конференцијата, новинар го запраша Јирген Клоп за идејата на Боели, а менаџерот на Ливерпул имаше урнебесна реакција.

„Супер, кога ќе најде датум за тој натпревар нека ми се јави. Тој заборава дека во големите спортови во Америка, тимовите имаат паузи од четири месеци. Среќни се што можат да имаат малку спорт за време на овие паузи. Фудбалот е различен. Што да кажам, не знам. Да не сака да ги донесе и Харлем Глоубтротерс и да играат против фудбалски тим. Изненаден сум од прашањето затоа не ме осудувајте по моите одговори. Можеби некогаш ќе ми ја објасни идејата ако најде датум. Не сум сигурен дека луѓето сакаат да го видат тоа. Замислете играчи на Манчестер јунајтед, Ливерпул и Евертон сите во еден тим. Тоа не е национален тим“, рече Германецот.