Клоп не го носи Шаќири во Белград

Швајцарскиот репрезентативец со албанско потекло Џердан Шаќири ќе го пропушти дуелот на неговиот Ливерпул во Лигата на шампионите во вторникот против белградска Црвена ѕвезда, бидејќи менаџерот на „редсите“ Јурген Клоп сака да избегне политички конотации.

Шаќири го постигна победничкиот гол за Швајцарија (2:1) против Србија на Светското првенство во Русија во јуни и тоа го прослави со гест кој го симболизира двоглавиот орел прикажан на албанското знаме, како и други пропратни провокации на национална основа пред и по мечот.

„Слушнавме и читавме за нагаѓањата за тоа како Шак (Шаќири) би бил пречекан во Србија. Иако не знам што може да се случи, сакаме да отидеме таму и да бидеме стопроцентно концентрирани на фудбалот и да не мислиме на ништо друго“, рече тренерот на Ливепрул.

„Не испраќаме никаква политичка порака. Сакаме да бидеме фокусиран на фидбалот и на ништо друго“, истакна Клоп.

ФИФА го казни Шаќири со 10.000 швајцарски франци за гестот на мундијалот во Русија, како и неговиот сонародник и соиграч во швајцарската селекција Гранит Џака, кој го постигна израмнувачкиот гол на истиот меч и го прослави на идентичен начин.

Ливепрул во минатото коло на својот „Енфилд“ ја совлада Црвена ѕвезда со 4:0 и е во водство во Групата Ц со шест бодови, додека белградските „црвено-бели“ имаат само еден бод и се на последното место во конкуренција уште со Наполи и Пари Сен Жермен.