Kлубовите и дискотеките во Скопје сѐ уште чекаат лиценца за работа

Летниот ноќен клуб „Хавана“ реагира дека на средина на летото, клубовите и дискотеките во Скопје сѐ уште се без лиценца за работа.

-После 30 години Скопје е без ниту една летна дискотека и ноќен живот! Илјадници млади немаат каде да се забавуваат, додека стотици вработени ги загубија своите работни места, велат од „Хавана“, од каде бараат итна реакција од Министерството за внатрешни работи и од министерот Оливер Спасовски.

Преку пораката „Младите треба да живеат, Скопје треба да живее!“, иницијативата „Сакаме ноќен живот во Скопје“ најави протест пред Владата на 27 јули, со почеток во 20 часот.

– Ниту еден летен клуб во Скопје сè уште нема добиено лиценца за работа. За таа цел ги повикуваме надлежните да го решат проблем на метрополата со немањето на понуда за ноќен живот, се вели во најавата.

– Каде и што е тоа што се променило оваа година за да Mинистерството за економија не може да издаде лиценци, кога три децении летните ноќни клубови истата документација ја добивале? , рече претседателот на Независната угостителска комора, Здравко Јосифовски, на вчерашната прес-конференција.

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска потврди дека е запознаен со проблемот со издавање лиценци за угостителите, односно за друштвата кои менаџираат со ноќни клубови и летните дискотеки и истакна дека се чека на добивање позитивно мислење од МВР.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.