Kлупата со Горан Стефановски тргна од Лондон (ФОТО)

Клупата на Горан Стефановски тргна од Лондон и се очекува наскоро да пристигне на своето одредиште во скопско Дебар Маало.

„Малото, но сепак големо спомен обележје на македонскиот литературен лауреат, го започнува патешествието од Лондон до Скопје. Во наредниот период очекуваме да пристигне тука и заедно со семејството, пријателите, но и со сите почитувачи на ликот и делото на Стефановски, да ја поставиме во неговото Дебар Маало“, напиша утрово градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ.

Инаку, уште во октомври лани неговиот син Игор, соопшти дека клупата е готова.

„Едвај чекам да си дојде на своето предвидено место и да можеме да си седнуваме на неа со него,“ напиша тогаш на Фејсбук Игор Стефановски.

Симболичната клупа-споменик е излеана во Лондон и ќе биде поставена во паркчето кое се наоѓа спроти бараките на општина Центар, веднаш до чинарот, кој беше засаден на роденденот на Стефановски 27-ми април.

Тој тогаш соопшти и дека е формирано Здружение на граѓани за зачувување и промоција на културното наследство на Горан Стефановски со цел опусот на Горан да биде секогаш на дофат, во различни форми, вклучително и дигитални.