Кнесетот го номинираше Нетанјаху да состави нова влада

Претседателот Реувен Ривлин (ц.), премиерот Бенјамин Нетанјаху, (л.), и лидерот на сино-белите, Бени Ганц (д.) се ракуваат на спомен-церемонијата за починатиот претседател Шимон Перес на гробиштата „Монт Херцл“ во Ерусалим на 19-ти септември 2019 година/ (Yonatan Sindel/Flash90)

Израелскиот парламент Кнесетот го номинираше во четвртокот досегашниот премиер Бенјамин Нетанјаху да состави нова коалициска влада, што ќе биде негов петти мандат по малку повеќе од една година политички ќорсокак во кој се најде земјата.

Кандидатурата на Нетанјаху ја поддржаа 72 од вкупно 120 пратеници, откако парламентот го усвои предлог-законот со кој е прифатен договор за поделба на власта меѓу неговата десничарката партија Ликуд и партијата Сино-Бело на неговиот центристилки ривал Бени Ганц, се наведува во заедничкото соопштение на двете партии.

Номинацијата на Бенјамин Нетанјаху му е препратена на израелскиот претседател Реувен Ривлин.

Нетанјаху и Ганц, кои трипати ги одмеруваа силите од април 2019 година на избори кои не дадоа јасен победник, планираат во среда официјално свечено да го одбележат преземањето на власта. Според нивниот договор, Нетанјаху ќе биде премиер 18 месеци, по што должноста ќе ја преземе Ганц.

Поранешниот воен командант Бени Ганц долго се противеше да биде партнер во власта на Нетанјаху, кој е обвинет за корупција. Меѓутоа, во април се предомисли, сметајќи дека формирањето на влада на национално единство е неопходно, за земјата да може брзо да се фати во костецот со економските штети настанати од пандемијата на коронавирусот.

Коалицијата претходно доби одобрување и од Врховниот суд кој во средата ги отфрли тужбите од опозицијата и граѓански активисти и пресуди дека Нетанјаху може да формира нова влада иако е обвинет за подмитување, измама и нарушување на довербата. Седумдесетгодишниот Нетанјаху ги отфрла сите обвинувања пред судењето кое би требало да започне на 24-ти мај.