Кој Јанчев сака да биде лидер на ВМРО-ДПМНЕ – Јанчев ВМРО-ДПМНЕ или Јанчев СДСМ?

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, вчера најави дека би се кандидирал за лидер на ВМРО-ДПМНЕ, доколку на (не)легитимниот вонреден конгрес најавен за 28 март, годинава, му биде изгласана недоверба на актуелниот лидер Христијан Мицкоски.

– Доколку на вонредниот конгрес му се изгласа недоверба на Мицкоски, јас би се пријавил за нов лидер на партијата. Со своја програма ќе излезам пред членовите на партијата – рече Јанчев.

Но, на 20 септември минатата година, Јанчев даде изјава со која го глорифицира лидерот на конкурентската СДСМ и актуелен премиер.

– Дај Боже сите да бидеме како Зоран Заев и да бидеме сите флексибилни и да можеме да работиме, ќе бидеме како Швајцарија – порача тогаш Јанчев.

При што побара неговиот став да не биде доживеан како навреда кон неговата партија, туку како негово лично мислење.

Јанчев контра Јанчев. Јанчев ВМРО-ДПМНЕ против Јанчев СДСМ.

Со вакви изјави не е сфатливо како Митко Јанчев ќе се кандидира да биде претседател на ВМРО-ДПМНЕ. На кои доблести се повикува на Заев? Државничките не му се сјајни, а, пак, оние за македонската екомонија се дебакал. Снаодливоста – слаба. Подобар коментар нема од она како (не)набави вакцини против коронавирусот. Ако се угледа на неговиот бизнис, тогаш има што да научи, само што тоа е на сметка на државата.

Дали на овој начин Заев ќе добие свој сигурен играч во ВМРО-ДПМНЕ?

Од друга страна, и иницијаторите за вонреден конгрес влегуваат со лични сметки, неколкумина од нив, додека другите се понесени од емотивната поврзаност со ВМРО-ДПМНЕ. Секој има право да каже свое мислење за исправноста на политиките на лидерот на партијата и легитимно е да се разговара за нив, но да се туркаат поданичките идеи за спас на сопстевние лични интереси во името на партијата е кукавички чин. Зошто никој не зборува за грешките што ги направија во текот на владеењето, за лакомоста и создавањето на лично богатство? Зошто никој не зборува за тоа кој даваше ветувања (10-тина пати) на меродавните од Калето? Зошто не кажуваат дека токму затоа ги стигна казната?

Се слушаат забелешки за претседателските избори. Кому не му беше јасно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе загуби? Партијата истрча на овие избори без партнер од албанскиот политички блок, што не беше случај со СДСМ. Целта на ВМРО-ДПМНЕ беше една – да се освојат над 300 илјади гласови, како добар вовед за парламентарните избори.

На Мицкоски му забележуваат што ги загуби минатогодишните парламентарни избори, иако минимално. Од друга страна тој се бореше и против внатрешните непријатели на ВМРО-ДПМНЕ и против СДСМ. Прашање е: Колкав придонес има „иницијативата за промени“? За кого гласаа? Дали му помогнаа на ВМРО-ДПМНЕ или на матираниот Заев? Не слушнавме ниту еден повик да се гласа за ВМРО-ДПМНЕ, а потоа работата да се решава во партијата.