Коњановски: Ќе работиме на локалниот економски развој, ќе ја средиме патната инфраструктура и ќе изградиме топлификација во Битола

Верувам во Битола, во нејзината способност да се издигне повторно во урбан и динамичен град. Верувам дека токму вие, битолчани, го имате решението да ги надминеме заедничките проблеми кои го уназадуваат градот во последните години. Мојот фокус се најгорливите проблеми кои не допираат сите, без исклучок. Борбата за Битола е борба за инвестиции, рече кандидатот за градоначалник на општина Битола, Тони Коњановски на вечерашниот митинг.

„Нови инвестиции и нови работни места, преку уредување на инфраструктурата во индустриска зона Жабени. Овој проект индустриска зона Жабени е клучен за локалниот економски развој кој е основна движечка сила на целокупниот развој на општината. Борбата за Битола е борба за здрава животна средина, а еден од чекорите се проектите за гасификација и топлификација на Битола“, рече Коњановски.

Ние како локална самоуправа, вели Коњановски, во делот на нашите законски надлежности ќе обезбедиме комплетна поддршка, по завршувањето на изградбата на магистралната гасификациона мрежа, да отпочнеме со сите активности за изградба на дистрибутивната мрежа.

„За проектот топлификација на Битола, да го искористиме РЕК и да изградиме топлификација во Битола, да ја зачуваме животната средина, но и да овозможиме намалување на трошоците за греење на граѓаните на Битола и реално нешто да промениме кон подобро, промена која е од корист за сите“, рече Коњановски.

Коњановски и додаде дека борбата за Битола е борба за средување на патната инфраструктура, изградба и реконструкција на улици и интервенции во уличната инфраструктура во руралните места и градските населби.