Коњановски: Граѓаните препознаа чесност наспроти црните и скапи кампањи на СДСМ, народот е охрабрен

Пред се научив за мудроста на граѓаните, научив за храброста на граѓаните, научив да продолжам по патот по кој го започнав веќе првиот циклус, научив дека граѓаните не се пара за поткусурување, нивната мудрост, нивниот тивок глас е многу битен во она што треба да одлучат на самиот ден на одлуката без притисоци, без дополнителни притискања, нервози. И дека целата онаа мудрост која тие ја собираат во себе ќе ја искажат скромно, достоинствено, одлучно на денот на изборите“, истакна Тони Коњановски, кандидат за градоначалник на општина Битола во „Студио 10“ на телевизија 24.

Коњановски додаде дека и покрај сите нервози, притисоци и нервози граѓаните излегоа на избори и гласаа за нова иднина.

„Научив да го сослушам гласот на граѓаните, да ги погледнам во очи, да се соочам со нив како што доликува на мојот карактер. Да научам за нивните проблеми, да ја согледам нивната мака и заеднички во соработка со нив да дојдеме до решенијата. Зошто знаете кога го слушате говорникот, тој јасно ќе ви каже каде е проблемот, можеби и одговорот ќе ви го покаже“, нагласи Коњановски.

Коњановски посочи дека граѓаните препознаваат чесност, препознаваат скромност, препознаваат одговорност во однос на црната кампања на СДСМ.

„Кој каде потфрли, можеби тоа прашање треба да се насочи на СДСМ. Потфрлија оние кои што ги потценија граѓаните, повторно ќе речам нивната мудрост се докажа на денот на избори, оние кои мислеа дека со пари и со скапи кампањи може да се постигне и да се купи нивната љубов, тоа не е така воопшто. Оние кои повеќе се сликаа отколку што презентираа проекти, кои луѓето знаат да ги препознаат, знаат да препознаат што е одговорно, чесно и домаќинско работење во склоп на оној буџет кој го имаме како локална самоуправа. Потфрлија и делови на системот, потфрли во делот министерството за внатрешни работи, потфрлија луѓе кои вршеа притисоци на денот на гласањето. Сето она што граѓаните го осетија како притисок го испорачаа токму на денот на изборите“, укажа Коњановски.

Коњановски рече дека притисоци од страна на власта врз граѓаните на денот на изборите имаше.

 „Излезеноста во вториот круг ќе биде многу поголема, убеден сум, луѓето го пребродија стравот, повеќе не се плашат, се охрабрија и ние јасно ги повикуваме да излезат да одберат по сопствена волја. А, во однос на програмата ние имаме јасно конципирана програма согласно буџетот на општина Битола“, појасни Коњановски.