Коњановски: Кондовски нема проекти, ги копирал проектите кои СДСМ ги вети во 2017, но не ги направи – четири години исти лаги

Нашата програма е направена според принципот на компетентност, отчетност, одговорност, но и точна финансиска конструкција на тоа што треба да се сработи и реализира. Изготвена е заедно со група на експерти со стручен тим. Клучните проекти се локалниот економски развој или привлекување на инвестиции, како домашни така и од странство, на што во изминатите 4 години немавме можност да го видиме. Општината беше тотално замрена на тоа поле, истакна Тони Коњановски, кандидат за градоначалник на општина Битола во гостување во емисија на Телма телевизија.

Коњановски посочи дека ќе се отвори можност општината преку локалниот економски развој да овозможи пристап на сите досега закочени барања, а секако тука се како клучни проекти гасификацијата и топлификацијата, тука мора да се откочат и тие два проекти.

– Ако ја споредите програмата од 2017-та година „План за живот за Битола“ која нудеше живот за сите, и во оваа програма на СДСМ ги наоѓате истите проекти пресликани како што велиме во нова корица, или нова обланда, иста опција но со нов лик. Сега го имаме Кондовски, а пред тоа беше друг лик. Значи сите проекти кои што се ветуваат сега од гасификацијата, од нереализирани проекти од инфраструктурата, сето тоа е нула реализација досега, нагласи Коњановски.

Коњановски посочи дека проектите на Кондовски се мегаломански и нерационални.

– Зошто зборувам така? Еден од тие проекти е подземниот паркинг простор. Јас не знам дали господинот Кондовски зел во предвид Законот за заштита на старото градско јадро кога го зборува тоа, или кога зборува за зелената агенда, а ги внесува 250-60 возила кои треба да се паркираат таму во тој простор. Иначе се во програмата е конципирано за период, рок од 4 години. Вие не можете точно да кажете рок на изведување ако не ги знаете точно значи проблемите со кои што ќе се соочите во локалната самоуправа, појасни Коњановски.

Коњановски укажа дека црната кампања која што ја води СДСМ е срамна, и таа се води по порталите финансирани од власта.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.