Кој ќе биде универзален снабдувач со струја, ќе се знае на крајот на април

-До крајот на април е рокот за донесување на одлуката за најповолна понуда на повикот за избор на универзален снабдувач со електрична енергија и потоа предлогот ќе биде доставен до Владата, информира денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој рече дека не очекува промени на цената на струјата и по 1 јули, кога треба да имаме нов универзален снабдувач, ако се имаат предвид сегашните параметри и стаблизираната енергетска состојба.

-За универзалниот снабдувач се добиени три понуди, постапката е во тек, комисијата работи и рокот за одлука е до крајот на април. Граѓаните секако дека ќе имаат универзален снабдувач во предвидениот рок, рече Бектеши на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.

Повтори дека до 1 јули ќе нема никава измена во делот на утврдување на цените по блокови, потсетувајќи дека двапати годишно се утврдува цената на струјата за домаќинствата и за малите потрошувачи.

– Енергетската криза во државава е целосно стаблизирана, редовно се одвиваат сите заложби на енергетските компании и на другите вклучени и затоа не очекуваме да има зголемување на цената и од 1 јули, имајќи ги предвид параметрите во моментот и тоа што беше претходно во енергетскиот сектор, рече Бектеши.

Во однос на поплаките за испорачани превисоки сметки, тој посочи дека цените во блоковите се многу транспарентни и објавени од Регулаторната комисија за енергетика и не верува дека има зголемување на цените повеќе од тоа што се утврдени.

– Ако сметаат дека има некоја грешка или злоупотреба граѓаните секогаш имаат право на жалба до РКЕ, наведе Бектеши.

На јавниот повик за избор на универзален снабдувач, понуди доставија ЕВН Македонија електроснабдување ДООЕЛ Скопје – носител, и ЕВН Македонија АД Скопје – член на групата, со понудена маржа од 11,4 отсто, ЕСМ продажба ДООЕЛ Скопје со 11,4 отсто, како и група понудувачи ЕДС АД Скопје, ПАН ИНТЕРТРЕЈД ДОО Скопје, чија понудена бруто маржа изнесува 11,45 отсто.

Понудувачите кои ги исполнуваат условите според критериумите наведени во тендерската документација, ќе бидат поканети да учествуваат на наддавање преку електронска аукција, при што како почетна вредност ќе се земе најниската од понудените маржи.