Кој ќе го наследи Столтенберг на чело на НАТО, како се избираат кандидатите и кој е во игра?

Јенс Столтенберг заминува. А кој доаѓа? Се погласни се шпекулациите за можна генерална секретарка на НАТО. Тоа би била премиера за воениот сојуз. Но, како функционира изборот на кандидати?
Во октомври највисокото дипломатско место во НАТО ќе биде испразнето. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој е на функција од 2014 година, минатиот февруари преку својата портпаролка објави дека нема намера да го продолжи договорот со НАТО.
Од објавата на Столтенберг, во седиштето на НАТО во Брисел почнаа шпекулациите: кој ќе биде 14. генерален секретар на Алијансата? Или подобро: генерална секретарка? Затоа што првата жена на оваа позиција би била добредојдена. Речиси половина од 30-те амбасадори на НАТО дискретно ги вметнаа своите кандидати во игра. Но, да одиме по ред.
Што се бара од секретарот на НАТО? Тој или таа мора да ги држи земјите-членки заедно, да ги балансира интересите, да промовира консензус меѓу 30-те членки, без разлика дали заканите за политичката кохезија доаѓаат од Трамп или Путин. Потребни се дипломатски вештини и лојалност кон сојузот.
Генералниот секретар или секретарка нема овластување да носи политички одлуки. Тој или таа само формално претседава со Северноатлантскиот совет, највисокото тело за одлучување. Ова важи и за воените овластувања. Тој или таа го претставува НАТО и надворешно, пред другите влади и печатот.