Кој ги чува чуварите или како универзитетите го контролираат Државниот просветен инспекторат?

Чудна е оваа наша Македонија! Уште повеќе зачудувачки системот на високото образование, а запрепастувачки е моделот на просветна инспекција на состојбите во актуелното функционирање на државните и приватните универзитети. Веднаш ќе напишам дека реалната ситуација е парадоксална: УНИВЕРЗИТЕТИТЕ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ГО КОНТРОЛИРААТ ДРЖАВНИОТ ПРОСВЕТЕН ИНСПЕКТОРАТ!

Наместо како во една сериозна правна држава Државниот просветен инспекторат да воведе ред и поредок во сите системи на образование, кај нас не се знае кој на кого му слугува. Зошто? Едноставно заради високата корупција во институцијата Државен просветен инспекторат каде во изминатите години сме сведоци на непрофесионално и неетичко однесување. Работите излегоа од контрола со поставувањето за директор на ДПИ кадар на Оливер Спасовски – Томе Спироски и промените кои тој ги воведе во работата на инспекторатот. Сега со новиот директор, кој на почетокот преку комуникација со мене се обидуваше да остави впечаток дека нема да ја дозволи оваа практика, само можам да потврдам дека ќе оди на уште полошо!

КОРУПЦИЈАТА ги кочи цивилизациските трендови во образованието кај нас. Корумпирани службеници и корумпирани професори е идеалната формула за распад на системот. Се повеќе се зборува дека постои образовен картел во државата, покрај нарко картелот на власта. Врз основа на кои индикатори ги засновував овие мои тврдења. Еве ќе почнам со ред:

1. Во ниту еден приватен универзитет нема вработени професори со бројка која ја одредува Законот за високото образование – 10 професори по факултет! За асистенти да не зборувам. А, во Елаборатот за акредитација на студиска програма може да видите наредени и професори и асистенти. Во практика тоа е измислена именка. Деновиве преку проверка на веб страниците на универзитетите со голема разочараност можам да констатирам дека ниту еден приватен универзитет не ги исполнува законските услови за работа: ФОН универзитетот, Европскиот универзитет, Универзитетот за туризам и менаџмент, Американски универзитет, Универзитетот на МЕРКО во Струга, МИТ универзитетот, Интернационалниот универзитет ЕУРОПА ПРИМА, Кумановскиот колеџ и кој ли уште не. Жално. Студентите плаќаат високо школарини, а знаењето е надвор од секоја рамка. Да не зборуваме за тоа дека нема професори од соодветната област да предаваат предмети, туку на пример предмет од една област го предава професор од сосема трета област. Ова е невиден корупциски криминал. Вицепремире Николовски Љупчо, токму поради оваа изигрување на Законот за високо образование потребно е веднаш да побараш да се отвори истрага од Јавното обвинителство за сите вработени во Државниот просветен инспекторат кои со непревземање на мерки за почитување на законот овозможуваат криминалот и корупцијата да царуваат!

2. Колку професори продаваат во своите кабинети книги на студентите? Парите ги земаат на рака директно од студентите. На поедини факултети професорите изготвуваат списоци и секој студент кој не е на списокот сигурно ќе биде паднат на испит. Ги поздравувам професорите од Институтот за мировни студии, Факултетот за детективи и криминалистика, Факултетот за безбедносни науки да ја прекинат оваа практика затоа што со име и презиме и со докази од нивните книги ќе бидат објавени јавно. Посебно ги потсетувам управите на овие универзитети да спроведат внатрешна истрага и да дознаат што прават индивидуално одделни професори, со што го рушат имиџот на универзитетот. Една книга ја продаваат по 1500 до 2000 денари, а некои кои почнуваат со тоа првичната цена е 500 денари или дај шта даш за една 6-ка. Еден од студентите ми раскажа како после плаќањето на книгата кај професорот добил 10-ка и професорот го прашал да не згрешил, што било вчудоневидено за студентот. Жално е што дозволија студентите да бидат уценети со купување книги, а тоа никој да не го забележи. Затоа и да не очекуваат нови студенти. Сегашните најдобро ќе им кажат што ги чека.

3. Една пријава која треба да се провери и од Државниот просветен инспекторат и од Деканот на Филозофскиот факултет и од Одборот за евалуација се однесува на асс.м-р Лета Барџиева која минатата година и оваа година одржувала вежби и ги контактирала студентите кај проф. Оливер Бакрески за предметите кои тој ги предава, истата закажувала консултации, испити итн, а според пријавата на студентите од Институтот за мировни студии оваа асистентка била вработена на друг универзитет и нема право да биде визитинг асистент на друг универзитет. Како доказ ми ги прикажаа маил комуникациите. Ова е електронски докaз и не може да се уништи, колку и да се обидуваат да го избришат. Иако е само сомневање, еве ги замолувам сите погоренаведени да испитаат дали е тоа така? Не би сакал некого неосновано да биде обвинет за нешто.

Почитувана македонска јавност, секоја недела ќе објавувам за се што пристигнува до мене како информација. Жално е што граѓаните ја изгубија довербата во институциите и се повеќе граѓани секојдневно ме контактираат и пријавуваат за бројни аномалии во образованието. Јас останувам на страната на демократијата и јавноста. Набрзо, на виделина ќе излезе мојата нова книга и истата ќе биде доставена до сите институции и амбасади. Колку повеќе не сум демантиран во моите писанија, толку повеќе сум убеден дека сум на вистинската страна и затоа ќе продолжам таму каде што институциите се хендикепирани. Едноставно, немам лоша намера, сакам да помогнам, сакам нашите државни и приватни универзитети да бидат високо рангирани во светот. Немам омраза кон никого, напротив сакам моите поранешни колеги да се ослобадат од стегите и да создадат услови сите универзитети да се еднакво застапени на образовната сцена.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес