Кој колку „лапна“ од ЕУ: Романија 80, Бугарија 29, Хрватска 22 милијарди евра!

По пет дена тешки преговори, постигнат е договор меѓу лидерите на земјите од ЕУ за обновување на економиите од пандемијата на коронавирусот.

Премиерот на Романија Лудовик Орбан изјави дека Романија ќе добие повеќе од кога и да било од пакетот на ЕУ, речиси 80 милијарди евра, бугарскиот премиер Бојко Борисов најави дека Бугарија ќе има на располагање 29 милијарди евра од следниот буџет на ЕУ, додека премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ најави дека земјата ќе добие 22 милијарди евра од заедничкиот европски буџет за економско закрепнување.

„Иднината звучи добро за Романија и Европа. По жестоките преговори, белиот чад започна да се крева, а Европскиот совет ги донесе одлуките што граѓаните на ЕУ и земјите членки ги чекаа долго време“, рече Орбан.

Романија планира да ги инвестира овие средства во изградба на болници, училишта, модернизација на големи јавни системи и економска реконструкција.

Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, иронично се осврна на демонстрациите што се одвиваат против него во Софија.

„Бугарија ќе биде меѓу ретките земји што ќе добие скоро милијарди евра повеќе отколку што доби во рамките на тековниот буџет, иако следниот европски буџет ќе биде за 62 милијарди помал заради „Брегзит“. Затоа и ги заслужувам барањата да си дадам оставка“, ги коментираше тој саркастично на Фејсбук резултатите од четиридневниот самит во Брисел, во контекст на масовните протести во Софија, кои бараат негова оставка.

„Оставам 29 милијарди евра за сите што бараат моја оставка за следниот период. Тоа се околу 60 милијарди бугарски лева. Иако ќе звучам нескромно, сите во Брисел ми се заблагодарија за помошта што ја дадов за време на преговорите“, рече Борисов.

Лидерите на ЕУ-27 постигнаа договор рано утрово, по неколкудневните маратонски преговори, за повеќегодишен заеднички буџет и фонд за закрепнување.

Вкупниот износ на пакетот за обнова е 1,824 милијарди евра, од кои 1,074 милијарди се во рамките на заедничкиот буџет за периодот од 2021 до 2027 година.

Фондот на ЕУ изнесува 750 милијарди евра и се состои од 390 милијарди грантови и 360 милијарди заеми. Овој фонд ќе биде финансиран со заедничко задолжување на ЕУ на светските пазари на капитал, а крајниот рок за отплата на заемот е крајот на 2058 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.