Кој лаже, тој краде, по тавани…

654
страшо ангеловски

Денешниов текст ќе биде еден вид хаику колумна, бидејќи ликот за кој пишувам не заслужува ни збор повеќе. (Хаику е вид јапонска поема која содржи мошне емотивна перспектива и претставува најкратка поетска форма со само 3 стиха и 17 слога).

Текстов е за човекот кој во 2016-та македонскиот народ го нарече „грдото лице на Македонија“, за денес, пет години подоцна да го промовира во „најголемо зло“. Секако, станува збор за Зоран Заев. Станува збор за човек кој вешто го лажеше македонскиот народ дека нема да го менува името на државата, дека нема да го отвара Уставот за уставни измени; лажеше дека сме добиле датум за преговори со ЕУ; лажеше дека ќе го продаде „мерцедесот“; лажеше за настаните кај Смилковско езеро; лажеше… и, за жал, продолжува да лаже. За се’ и сешто.

А, кој лаже, тој и краде, вели една стара мудрост. Е па, човекот украл „само“ 8 милиони евра во случајот со трговскиот центар „Глобал“ во Струмица. Докажано дело и изречена пресуда. За жал, иако осуден, тој успеа да киднапира една цела партија, да узурпира власт и да уништи иднина на еден народ, уживајќи во милоста на аболицијата. (Аболиција – општ назив на акт на ослободување на СТОРИТЕЛ НА КРИВИЧНО ДЕЛО од кривично гонење или од извршување на кривична санкција).

Тој и таков човек, денес оди низ Македонија и на средби со граѓани зборувајќи за чесност, посветеност и достоинство, (категории кои добиваат сосема друга димензија изговорени од него) бара уште малку власт, уште малку привилегии, уште малку заштита за себе и за своите соработници.

На 31 октомври таквиот човек мора да биде поразен, а таквото однесување никогаш повеќе да не и’ се повтори на Македонија. Се’ друго е пораз на здравиот разум, здравиот разум на мудрите македонски граѓани.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.