Коалицијата „Можеме“ со 46 мандати пред ВМРО-ДПМНЕ со 44

Според првичните неофицијални податоци од електронскиот внес на ДИК, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ има 36,12 отсто од гласовите, додека ВМРО-ДПМНЕ 34,85 проценти.

ДУИ со 11,3 отсто е на трето место пред Алијансата за Албанците и Алтернативата со 8,52 проценти, потоа следува најголемото изненадување на овие избори Левица со 4,17 отсто. ДПА освои 1,51 отсто,  а Интегра 1,36 проценти.

Според оваа симулација СДСМ би имала 46 пратенички мандати, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Алијансата за Албанците и Алтернативата 12, Левица 2 и ДПА 1.

Сите останати партии се под еден процент што може најдобро да се види на графиконот во продолжение на текстот.

Државната изборна комисија врз основа на првичните неофицијални резултати од вчерашните предвремени парламентарни избори од обработени 3.421 од вкупно 3.480 избирачки места. Останатите девет партии и коалиции учесници на изборите не освоиле пратенички мандат.

Првичните резултати од изборите се уште се само повремено видливи на веб сајтот на Државната изборна комисија, кој синоќа падна поради, како што кажа првиот човек на комисијата Оливер Дерковски, надворешни хакерски напади.

ДИК најави дека денеска по прибирањето и обработката на сите пристигнати материјали ќе ги соопшти првичните резултати од изборите и распределбата на пратеничките мандати.

На  десеттите парламентарни избори, кои првпат во актуелните услови на пандемија на коронавирусот траеја три дена, правото на глас го искористија околу 923 илјади граѓани или приближно 51 отсто од запишаните гласачи во Избирачкиот список.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.