Македонија

Коалиција СЕГА: Македонија да не увезува ГМО храна

Коалиција СЕГА: Македонија да не увезува ГМО храна

Македонија да не увезува ГМО храна е главна препорака на завршната конференција „Влијанието на генетски модифицираната храна врз младите луѓе“ во организација на Коалицијата на младински организации СЕГА како дел од проектот COHEIRS „Граѓански набљудувачи за здравства и животна средина: Иницијатива за одговорност и одржливост”, во Скопје, пренесува МИА.

Директор на Коалицијата СЕГА, Зоран Илиевски ги презентираше препораките од досегашните панел дискусии кои се во насока на поголема контрола врз храната и суровините кои се увезуваат.

„Со овие дискусии сакавме на јавноста да и ја зголемиме свесноста за користењето на ГМО храната, како и да ги пренесеме различните мислења поврзани со оваа тема. Препораките кои ги искажавме на оваа конференција јасно укажува дека јавноста не сака да конзумира и ГМО храната да биде дел од нивната исхрана. Потребна е и поголема контрола врз сите прозиводи и храна која се увезува, со цел јавноста да биде заштитена од несакани последици“, рече Илиевски.

Покрај овие препораки, на конференцијата посочено е Македонија да не произведува ГМО храна, редовно да се тестираат семињата и семенските материјали кои се увезуваат, но ако се дозволи увоз на ГМО храна, истата да биде видливо обележана на надворешното пакување.

Целта на панел дискусиите организирани во Скопје, Прилеп, Битола и Свети Николе е јавноста подетално и поопширно да се запознае со генетски модифицирана храна (ГМО), потоа да се појаснат поимите поврзани со ГМО храната, легислативата во Европската Унија и Македонија повразана со ГМО, контролата на истата храна, како и евентуалните ризици и последици кои може да ги има врз здравјето на луѓето од користењето на генетски модифицираната храна.