Коцевски: Градоначалникот на Гази Баба наместо да ги решава проблемите на граѓаните, си зема улога на полиција и штити партиски цели по секоја цена

Општина Гази Баба станува пример како владее СДСМ преку кршење на законите и брутален партиски режим. ОК на ВМРО-ДПМНЕ Гази Баба најостро го осудува однесувањето на советникот на СДСМ кој отворено не ги почитуваше мерките на владата на Република Македонија за справување со коронавирусот, реагира Зоран Коцевски од ВМРО-ДПМНЕ Гази Баба.

Интегрален текст од неговата прес-конференција следува во продолжение: 

Функционерите треба да се пример за однесувањето на сите останати граѓани особено во ситуацијата во која се наоѓаме денес, но за жал осуда за постапките на советникот не стигна ниту од неговата матична партија.

Молчи и градоначалникот Борче Георгиевски кој си зема улога на полиција и обвинителство, и си дозволи да ослободува од одговорност и да ветува дека нема да се поднесуваат поднесоци за прекршителите на полицискиот час.

Вакво самоволие на еден градоначалник – умислен деспот не е забележано од кога постои нашата општина.

Наместо градоначалникот да ја обиколува општината за да види со какви проблеми се соочуваат жителите тој излегува на терен кога треба да се заштитат партиските интереси по секоја цена.

Но истиот тој градоначалник ниту пак СДСМ не изреагираа за обиената црква кај Смилковското езеро, уништениот летниковец во парк – шумата Гази Баба и ниту за сквернавењето на православните гробишта во Камник, чинови кои се случија изминатиов викенд.

Јавно го прашуваме градоначалникот, кој упорно молчи за овие настани, зошто има селективен пристап кон граѓаните од нашата општината?

Дали за него има граѓани од прв и од втор ред?

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Гази Баба ги осудува сите антицивилизациски чинови особено ако се политички мотивирани.

Воедно повикуваме на смиреност, да останеме доследни во справување со вирусот кој е закана за сите наши граѓани од Општина Гази Баба. Надлежните институции треба да ги преземат сите мерки за сторителите на прекршувањето на полицискиот час да се изведат пред лицето на правдата.

Законите мора да важат за сите без разлика на партиска, верска или било која друга  припадност!

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.