14.8 C
Skopje
петок, март 29, 2024

Кога е доставен нон-пејперот од Бугарија и зошто владата молчи за неговата содржина?

Веќе два дена молк од Владата на Зоран Заев за тајните преговори со Бугарија. Очигледно се планира Бучковски тајно да преговара за македонскиот јазик и идентитет. Прашањата на ВМРО-ДПМНЕ се прашања кои ги поставуваат граѓаните на Македонија и за кои заслужуваат одговори. Владата од граѓаните ги крие условите и барањата од Анексот со 12 точки, истакна на денешната прес-конференција Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој прашува до кога на некои тајни преговарачки маси ќе се раскрчмува македонскиот идентитет и јазик.

-Владата дозволува Македонија да се негира на телевизиски емисии во Софија, а македонскиот идентитет да биде карта за поткусурување во преговорите со ЕУ. Со посочениот Анекс клопчето започна да се одмотува. Се потврди информацијата на ВМРО-ДПМНЕ од минатата година дека на македонската влада и бил врачен Анекс од 12 точки, со негаторски позиции за македонскиот идентитет. Сега дознаваме и дека тој Анекс им бил даден на Заев, Димитров и Османи уште во ноември минатата година. 3 месеци молк за македонските граѓани. 3 месеци тајни преговори. ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше дека Анексот бара ретуширање на историјата и го оспорува односот кон малцинствата. Но, овој Анекс е опасен и по македонскиот јазик. Тој сега не треба да биде повеќе македонски, туку само како формалност дел од нашиот Устав. Со ова се погазува децениската борба на македонските преродбеници уште од Ѓорѓија Пулевски и Димитрија Чуповски, преку Крсте Петков Мисирков, па се до официјалната кодификација на македонскиот јазик како македонски. Затоа, министерката Мила Царовска сама и без јавна расправа се впушти во образовна реформа со која се укинува предметот историја. Сето тоа за владата да се обиде да се умилка и да им удоволи на бугарските предизборни барања, истакна Андоновски.

Очекуваме одговори и одговорност од Владата веќе неколку денови:

1.Кога бил доставен нон-пејперот од Бугарија и зошто македонската јавност не е информирана за содржината на истиот?
2.Дали 12те точки се поразителни за македонскиот идентитет и јазик ?
3.Дали Бучковски следнава недела во Софија ќе дискутира за македонскиот јазик и историја?
4.Зошто Зоран Заев веќе две години лаже дека немаме отворени прашања со соседите?

Одговорност на Заев, Димитров и Османи мора да има. Морална и политичка одговорност, а потоа и секаква друга, штом ВМРО-ДПМНЕ ја превземе власта во Република Македонија. За сите овие недела кон Македонија ќе одговараат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.