Кога ќе има вакцини од Бугарија? Филипче и Заев молчат за деталите!

Македонските граѓани не се единствените на кои ќе им помага бугарската влада со доделување на дел од своите вакцини против Ковид-19, анализира ЕКСПРЕС.

Според изјавите на министерот Филипче и премиерот Заев Бугарија многу брзо ќе почне да доставува вакцини од тие што ќе ги добие како членка на ЕУ.

Според официјалната изјава на бугарскиот премиер, Бојко Борисов, Македонија е само една од 12 земји на кои ќе им помага Бугарија.

Посебен дел од изјавата на Борисов кој треба да се анализира е оној во кој се објаснува кому се ќе му помага Софија.

Меѓу тие кому се ќе му помага Бугарија е Македонија, но и сите земји од Западен Балкан и Источното партнерство.

Во изјавата на Борисов се вели дека кога Софија ќе ги задоволи потребите на своите граѓани тогаш ќе им помага на земјите од Западниот Балкан и на државите од Источното партнерство.

Во групата земји која ЕУ ја нарекува “Источното партнерство” со Европската Унија се постсоветските републики Украина, Ерменија, Азербејџан, Грузија и Молдавија и Белорусија.

Овие земји без Западниот Балкан имаат 92 милиони граѓани а заедно со Македонија, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора и БИХ имаат 122 милиони луѓе.

Колку вакцини ќе добие Македонија од Бугарија и кога тие ќе дојдат засега никој не кажува.

Според проценките на тамошните здравствени власти приоритет за вакцинирање во Бугарија се околу 2 милиони најзагрозени граѓани чии потреби не можат да бидат задоволени брзо.

Колку вакцини ќе добие Бугарија од вкупно 300 милиони кои досега ги договори ЕУ не е познато.

Засега се знае дека како земја со најголема смртност во ЕУ Бугарија ќе започне вакцинација во сабота.

Со 300 милиони вакцини ќе се покријат околу 150 милиони граѓани на ЕУ (околу 30 % од населението) затоа што вакцината се дава на два пати.

Ако се оди по процент на население тогаш и Бугарија ќе добие околу 30 % односно за 2,4 милиони пациенти.

Колку од нив ќе бидат дадени на бугарски, а колку на 122 милиони граѓани на Западен Балкан и Источно партнерство засега никој не открива.

За датумот кога ќе пристигнат вакцините во Македонија не зборуваа ни владините портпароли на денешната прес конференција на која тема беше и кога македонските граѓани ќе добијат вакцини.

Што точно значи првите месеци од 2021 година, дали 10 јануари или 25 април засега некој не дава податок.

На денешната прес-конференција, на која портпаролите на Владата информираа за заклучоците и одлуките од вчерашната 32-ра седница на а владата, на прашањето во врска со набавката и пристигнувањето на вакцината против КОВИД-19 беше одговорено дека се користат сите инструменти, вклучувајќи го и КОВАКС механизмот, кој беше прв на располагање.

„Веќе се обезбедени 833.000 вакцини за популација од околу 400.000 граѓани за вакцина и ревакцинација во рамки на КОВАКС механизмот. Согласно планот за дистрибуција, вакцините се очекуваат во првите месеци од 2021″, се вели во одговорот од владата.