Кога ќе имаме мнозинство во Собранието ќе го презентираме, порача Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека предвремени парламентарни избори мора да има и тоа во терминот со локалните за да не се прават дополнителни трошоци.

-Мислам дека тоа треба да се случи и работиме на тоа да се случи. А претходно, треба да дојде една влада која ќе подготви рамен терен за тие предвремени парламентарни и локални избори, а не ваква корумпирана и неспособна работа, бидејќи морам да кажам дека не ги бива за работа, не ги бива за проекти. Но, затоа се светски шампиони според криминалот и корупцијата и би рекол, матните идеи како да лажираат и поткупуваат за време на избори, рече Мицкоски.

Вели дека поради овие причини било многу важно да дојдат луѓе кои тој процес ќе го сработат како што треба.

-Да, ВМРО-ДПМНЕ води разговори и со парламентарни опозициски партии, но и со парламентарни партии кои што се дел од власта. Кога ќе имаме мнозинство во рамки на Собранието, тогаш ќе излеземе во јавноста и тоа мнозинство ќе го презентираме. Секој оној кој што му мисли добро на македонскиот народ, на граѓаните во Македонија, на Македонија треба да си го стави прстот на глава и да размисли дали неговата иднина е заедно со овие најкорумпирани и најкриминални политичари во историјата на Македонија или, пак, да бидат на страната на народот, на чесната страна и да си ја зачуваме државата, рече Мицкоски.