Кога морковот не е морков

533

Министрите за надворешни работи на Европската Унија, на Советот за општи работи на Унијата во Луксембург не се согласија околу доделувањето датум за почеток на преговори за Македонија, но и за Албанија. Тие се договориле најдоцна до октомври да се навратат на ова прашањето. Да се навратат, без никави ветувања или давање лажна надеж на земјите кандидати. Е сега, кој како го толкува заклучокот на Советот на Унијата е прашање на политичка чесност и отчетност пред граѓаните.

Вообичаено политичарите кај нас паѓаат во замката на високите очекувања во надворешната политика, особено по ветувањата од клучните актери на меѓународната политика. Колку лесно го загризуваат морковот што им се нуди, за потоа да следи разочарувањето. Како нашиот Премиер, кој наивно верувал дека испорачувајќи го она што било побарано од него како услов за доделување на датум за преговори со Унијата ќе се оствари. Наивноста, или незнаењето (за друго не сакам да помислам) ја чини државата многу. Цената што ја плативме за нереални очекувања на тековната политика е превисока: промена на уставно име на државата, за кое Премиерот ќе изјави дека „сме горди на уште еден голем успех на нашата земја и на политиките за остварување на нашиот стратешки приоритет, како што е членството во ЕУ“.

Се прашувам со што имаме да се гордееме сега, ако воопшто може од нешто да бидеме горди во нашите надворешно политички авантури на оваа власт. Преживеавме веќе една авантура во надворешната политика во далечната 1999, плаќајќи скапо со човечки животи и редефинирање на државата. Се прашувам колку ќе не чинат овие други авантури чија сметка нема да биде еднократна, туку ќе ја плаќаме на рати. Генерациски.

Две години во околности со неизвесен исход во надворешната политика, силно медиумски поддржани, беа создадените нереални очекувања и верување за нашиот посакуван успешен завршеток на евроинтеграциите, што очигледно не значело дека навистина ќе се случи. Кога ќе ве уверат до тој степен да ја заложите државата очекувајќи посакуван исход, нормално дека ќе бидете изненадени и затечени кога ќе сфатите дека сте биле работени како бавча од вашите наводни „пријатели“ и поддржувачи од Европа. Кога тапкањата по раменици ќе стивнат останува разочарувањето и фрустрациите од исходот и сопствените нереални очекувања. Во надворешната политика може да испорачате колку сакате и што сакате, но не секогаш го добивате она што ви било ветено, или сте очекувале дека ќе го добиете како награда. Не секогаш морковот е морков во надворешната политика. Некогаш е зелена салата што треба да созрее. Но, тоа нашиот Премиер подобро го знае. Затоа е убаво да ги приспособите вашите очекувања да одговараат на реалноста. Веројатно многу помалку ќе доживувавате разочарување.

И, сега се наметнува дилемата: кој е наивен во целава работа? Или, свесно се манипулираше јавноста повеќе од година дена. Медиумските манипулации одеа до таму дека сме добиле датум за преговори минатата година, па дури тоа беше пласирано како ексклузивна вест за успех на власта и нашата дипломатија. Година дена потоа од кренатите прсти во знак на успех, ни остана средниот. Сега имаме ново ветување за нов датум. Сето ова збунува: дали Премиерот воопшто имал веродостојни информации врз основа на кои го градел и сеуште го гради својот оптимизам? Или доволни биле ветувањата што ги добивал. Кој го советувал за ова прашање? Францускиот амбасадор, или германскиот? Оние што не’ третираат како недоветни објаснувајќи ни ги причините за недобивање датум за преговори со Унијата. Кои ликови!! Или оние задолжени да го советуваат Премиерот (дал господ ги има побајаги) мислеле дека овој Премиер е толку посебен, толку привлечен говорник и личност која толку блеска што другите државници на земјите од ЕУ кога ќе го видат и слушнат ќе се фасцинираат и ќе се откажат од своите сопствени интереси. Во контекст на проширување на Унијата. Да бев на негово место (фала богу не сум) би бил сериозно навреден од начинот на кој го третираат неговите советници. Ама тоа е кога автомобилските гуми се поважни од државата.

Ај што не го брифирале Премиерот, зар и „насмеаниот“ фејсбук статус министер за надворешни работи не знаел за исходот од состанокот на Унијата во Луксембург? Не верувам. Зар не се информирал од своите пријатели кај кои ја кодошел државата? Во спротивно под итно треба да си замине. Дефинитивно се потврди неговата површност, без јасна издржана анализа и сервилен начин на водење надворешна политика. Оној третиот политички залутан во евроинтеграциите не би го споменувал тука. И после вакво фијаско гледам мува не ги лази. Одговорност нема, но има надеж за нов датум. Одговорноста е за хигиеничарот што ѓубрето го претурал од една на друга страна. Колку сликовито за состојбата во надворешната политика кај нас.

Колку да го потсетам Премиерот и оние што го советуваат, а богами и МНР – Претседателот на Франција, Макрон, на самитот во Софија ќе изјави:

„Она што го видовме во текот на изминатите 15 години е патот што ја слабее Европа, секогаш кога размислуваме да ја прошириме. И мислам дека не им правиме услуга на земјите кандидати, или себе си со тоа што имаме механизам кој на некој начин веќе нема правила и продолжува да генерира повеќе проширувања. Јас сум за зацврстување на Балканот во Европа и за движење кон Европа, но мислам дека треба да погледнеме на секое ново проширување со голема претпазливост и строгост…без да бидеме..лицемерни“.

Ова го изјави Макрон, откако ја понуди „Француската стратегија за Западен Балкан“, ден по Берлинскиот самит организиран од Франција и Германија. Во неа не е спорна неговата заложба за стабилизирање на шесте земји од регионот, кои не се членки на Европската унија, во смисла на нивниот економски и социјален развој и зајакнување на владеењето на правото. Не видов дека во неговиот план за Европа со две брзини, има место за проширувањето. Можеби советниците на Премиерот и Министерот за надворешни работи читаат поинаку. Кој знае дали воопшто читаат.

Но, нешто морам да констатирам – Премиерот, а богами и тазе Претседателот се надминаа себеси во едно. Во заканите кон  ЕУ со пад на владата, отворање простор за влијание на трети земји (веројатно мислеа на Русија), со демотивирачките економски процеси, враќање на национализмот, радикализмот, популизмот, па дури и стопирање на дијалогот меѓу Вуќиќ и Тачи за Косово ако не биде испорачан морковот. Што мислеа со ова да постигнат? Или појма немаат како функционира меѓународниот систем, или наивно верувале дека земјите на ЕУ ќе се потресат сериозно од ваквите закани. Некој сепак требало да им каже дека освен што се само понижија и не понижија како држава, испаднаа смешни и несериозни политички лидери на земја кандидат за ЕУ. Јалови закани од јалови политичари.

Сепак, светлата страна на се ова што ни се случува е дека отсуството на заблуди може да биде корисна проверка на реалноста. За народот мислам. За политичариве убаво би било да ја обноват довербата, за да можеме да се справиме со предизвикот што се вика датум за преговори со ЕУ. Или да си продолжат да си живееат во лалаленд, како досега. Во нивната Северна Македонија.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.