Кога може да одговараат премиери, можат и обвинители

Обвинителството несериозно и нетемелно си ја врши работата поради која страдаат невини луѓе, а виновниците поминуваат без одговорност, сметаат од авокатската фела, според која пресудите паѓаат зашто обвинителите најчесто нудат докази кои се доволни за отворање истрага, но не и доволни за покренување обвинение.

Последен е случајот на Сашо Сенков, кој по седум месеци поминати во притвор беше ослободен од обвинение за убиство во обид на Зијадин Села, откако од видео снимка било утврдено дека нема докази оти учествувал во кривичното дело за кое се обвинети неколку лица. Од ОЈО не прифаќаат одговорност за случајот со Сенков, иако доказот, врз основа на кој обвинетиот е ослободен го имале уште во предистражна постапка, што според експерти само потврдува со каква несериозност се пристапува кон случаите.

ОЈО ја прибави и видео снимката, во тек на дејствијата кои се преземаат од страна на ОЈО Скопје во пред истражна постапка за расветлување на учеството на други НН лица во предметот за кој е веќе поднесен Обвинителен акт. Видео записот во својата содржина откри факти кои немаат само влијание за текот на пред истражната постапка кон други НН лица, туку и кон веќе обвинетите со Обвинителниот акт. Од тука, надлежниот јавен обвинител веднаш ја достави видео снимката како дополнение на доказната постапка, која што беше прифатена како доказ и од страна на судот, велат од ОЈО.

Но од друга страна, за истиот случај во врска со насилството во собранието ОЈО покрена дисципинска постапка против обвинителите Гордана Гешковска и Јован Цветановски од скопското обвинителство  и за Златко Биковски, од организиран криминал поради сомнеж дека направиле пропусти во истрагата.

Сенков веќе е слободен граѓанин, а неговиот адвокат Рубин Двојаков потврди дека го добиле решението на пресудата. Тој и по судењето најави дека ќе бараат отштета од државата за поминатиот притвор, но во договор со клиентот ќе видат што понатаму и кога. Но несомнено, како што налага процедурата, ќе се обратат до Министерството за правда да се договорат за обештетувањето.

Судските трошоци паѓаат на товар на буџетот, а постапката налага да се обратиме до минитерството, кое врз основа на правилници утврдува надомест за нематеријални трошоци како и надомест за ден поминат во притвор. Мислам дека има измени некои во правилниците, па не знам која е сумата за надомест за притворот. Од мојата пракса досега мислам дека нема да има проблем и дека ќе се договориме со министерството околу оштетата, без да тужиме, изјави Двојаков за „Нетпрес“.

 

И тој смета дека притворот во нашиот систем се одредува пред се како сретство за казна, а не како мерка за обезбедување на присуство на лицето пред судот, што всушност е суштина на Европската конвенција на човекови права.

Ние два пати баравме замена на ефективната мерка притвор со куќен притвор, но Вишото обвинителство два пати не ја прифати нашата жалба, иако во вториот случај имавме подршка и од основниот обвинител. Беа исполнети сите улови да се прифати жалбата, немаше опасност од бегство во домашен притвор, опасност за повторување на делото, беа сослушани сите сведоци па не моќел да влијае на нив, беа изведени сите докази… Е па сега нека размислуваат каде згрешиле и зошто мојот клиент ќе биде обештетен од парите на граѓаните, вели Двојаков.

Адвокат Ѕвонко Давидовиќ вели дека случаите како овој на Сенков има многу, иако јавноста најчесто е запознаена со предмети од зголемен интерес на медиумите, како и предмети во кои станува збор за завршени случаи со пресуди.

Јас со години укажувам на пропустите кои се случуваат во работата на обвинителството и судовите, од притвори до одолговлекување на постапките, а сето тоа е на штета на клиентите,вели Давидовиќ.

Според него, има случаи кога обвинителот има какви, такви докази врз основа на кои може да ја тераат постапката, но има обвинители кои без никакви докази мислат дека по секоја цена ќе успеат да го истераат предметот до крај, без да размислуваат за последиците.

Во такви случаи каде обвинителите не си ја завршиле работата мора да се бара одговорност од нив, иако тоа ретко се случува. Кога може премиер да одговара за криминал,  може и обвинител да одговара, вели адвокатот.

Правата на обвинетите се пропишани со Законот со кривична постапка, во член 13, според кој, лицето незаконито лишено од слобода, притворено или незаконито осудено, има право на надоместок на штета од буџетските средства, има право да биде рехабилитирано, како и други права утврдени со закон.

Според Давидовиќ, во однос на  надомест на штета кога обвинетиот не е задоволен од  понудата дадена од Министерството зза правда, или воопшто не одговориле на барањето, клиентот може да поднесе тужба.

Во тој случај во однос на нематеријалната штета неопходно да се ангажира вешто лице кое ќе утврди колку неправедниот притвор имал последици врз психичкото здравје на клиентот, но и физичкото ако има потреба, но треба да се утври и материјална штета ако поради притворот лицето останало без работа и слично врз основа на кои ќе се формира оштетното барање од државата, вели Давидовиќ.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.