Кога поразот е победа, лудаците се чувари на лудницата

750
страшо ангеловски

(„Победата“ на Евровизија како повод)

Се’ започна пред повеќе од четири години кога поразот од 49 наспроти 51 пратеник, со помош на големиот притисок од непринципиелната „меѓународна заедница“, беше претворен во (по)беда. (По)беда со која поразот од немањето 61 глас, немањето официјален записник, немањето регуларно свикана седница, беше претворен, повторно со однапред подготвени честитки на непринципиелната „меѓународна заедница“, во (по)беда и избор на парламентарен спикер и ново парламентарно мнозинство.

Следниот голем пораз, со неизленоста на повеќе од 60 проценти од граѓаните на државава на референдумот, кој дури и од поразените беше прогласен за неуспешен, потоа, повторно со благослов на непринципиелната „меѓународна заедница“, беше претворен во (по)беда.

Алхемијата на „меѓународната заедница“ во претворање на изметот во злато, не застана тука. Следуваше големиот пораз на Република Македонија и македонскиот народ со потпишувањето на договорот од Преспа, со кој се најдовме во позиција на гарантна окупација во однос на Атина, нормално, претворен во уште поголема (по)беда.

Извештаите на релевантни институции за енормен пораст на криминалот и корупцијата во последниве неколку години, како срамен пораз на институциите на системот, се претвара во  лажна (по)беда токму на криминогените и коруптивни структури против самите себе.

Чувството на пораз во преговорите што траат со Софија, од петни жили преку поткупените медиуми, треба да се претвори во чувство на уште една (по)беда на нашата „шарм“ дипломатија.

Изгубените животи заради несовесното и коруптивно справување со корона кризата, завитканите во црно семејства и неколкуте илјади измолени вакцини од наша „We are NATO“ страна од „антиНАТО“ државите, како голем човечки, морален но и криминален пораз, се претвара во голема (по)беда на „аплауз за Венко“ структурите.

Можеби најголемиот пораз кој како Македонци историски го доживуваме токму сега, па не можеме и во сопствената држава да се изјасниме како Македонци, го претвараат во (по)беда на „забетонираниот идентитет“.

Бидејќи и три текста ќе бидат малку за да се напишат сите алхемичарски успеси во претворањето на изметот во злато на владеачката гарнитура, ќе завршам со најновиот срамен пораз на „да ми прости ЛГБТ заедницата“ претставникот на Евровизија, кој се претставува како уште една (по)беда на „успешните“ потези на власта.

КОГА ЛУДАЦИТЕ СЕ ЧУВАРИ НА ЛУДНИЦАТА

За жал, Република Македонија и македонскиот народ се поразени на секое поле – одземени им се името, идентитетот, достоинството, честа, егзистенцијата, безбедноста, сигурноста… Сега им го одземаат родителското, родовото, семејното и националното чувство. И сето тоа, сите тие загуби, претставени како голем успех, како големи придобивки, како голема (по)беда токму на тој и за тој народ.

Ваквата состојба се’ повеќе наликува на ситуација кога лудаците замислуваат дека се чувари на лудницата, кога „хитлерчиња“, „наполеончиња“, „сталинчиња“ влезени во телата на умоболните, лудницата ја сметаат за светот со кој владеат и ја чуваат од оние од надвор кои ги сметаат за непаметни и за свои непријатели.

Луѓе кои заради својата болест живеат во еден извртен свет, во една искривена реалност во која меѓусебно си се почитуваат како Хитлер, Наполеон, Сталин… или штогоде лик за кој самите ќе си се замислат. Луѓе кои во своето замислено постоење, во своето заедничко живеалиште омеѓено со оградата на умоболницата, градат замислен свет со кој владеат, полни со омраза кон сите оние кои се надвор од нивниот, односно кои се наоѓаат во реалниот свет.

За среќа, се’ повеќе од граѓаните на Република Македонија ја чувствуваат реата на изметот алхемиски претворен во злато, се’ повеќе ја чувствуваат горчината на поразот наспроти лажната сласт на (по)бедата и се’ повеќе бегаат од омеѓениот свет на „хитлерчињата“, „наполеончињата“, „сталинчињата“… во светот на реалноста, реалност сурова, но вистинита. Се’ повеќе од нив стануваат свесни дека големата (по)беда на малкумината од гарнитурата на власт се претвори во уништувачка беда за огромното мнозинство.

Тоа јасно говори дека за Македонија и за македонскиот народ се’ уште постои надеж, надеж која, нели, последна умира…

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.