Кога правдата избра погрешен човек: како беше корумпиран сонот за правда

Во државата со три цртички направивме зборовите да бидат робови на политиката. Зборовите станаа алатки во сетот алатки на политиката, без вредносно детерминирана содржина, но со целна политичка ефикасност. Зборовите кај нас сигнализираат, наместо да упатуваат и објаснуваат. Се навикнавме да ги следиме сигналите, не поради тоа што нешто значат, туку просто зашто сигнализираат нешто. Ако по нешто ќе ја помниме оваа власт (дал господ, историски ќе ја помниме заради промената на името на државата) е по успехот да креира политика на празни зборови, што ја усоврши до перфекција.

Ако ја прифатиме способноста на зборовите да ја обликуваат нашата перцепција на светот, а со тоа и на нашите постапки мора да обрнеме внимание на зборовите што ги консумираме, особено кога стануваат политички обоени. Збор што е политички експлотиран предолго е „правдата“. Велат дека зборовите што се изречени несоодветно целосно ја губат способноста да комуницираат со околината. Правдата стана токму таков збор. Со овој збор се кршеше, фарбаше и префарбуваше градот. Зборот генерираше акција, гола одмазда и насилство. Ја смени перцепцијата за нашата политичка реалност.

Се прашувам дали некој воопшто помислил дека во Македонија некој политичар некогаш работел или размислувал за правда и безбедност, се борел за еднаквост во можностите за сите, или бил во потрага по толеранција и хармонија во општеството. Не верувам. А и зошто би. Хаосот и манипулацијата беше и остана основата на политичкото дејствување кај нас. Правдата никогаш не била морален императив за ниедна политика досега. Само празна флоскула низ која се политизираше системот на кривичната правда, се манипулираа граѓаните во хајка и стигматизација на неистомислениците и политичките опоненти и се креира средство за јавно понижување на граѓаните што  се осмелуваат да зборуваат против политиките на власта.

Мислите дека некој од оние што го кршеа и фарбаа градот имаа појма што значи „правда“, кога ја извикуваа по улиците. Мислите дека некој од нив имаше претстава како ќе се испорача и кој може да го стори тоа. Или беше само имагиниран концепт за манипулација во процесот на борба за власт. Игнорирани и понижени станувате лесен плен на политичките предатори. Денес од оваа перспектива се е кристално јасно. Македонската „шарена правда“ беше политички мотивирана и хранета од гнев, омраза, алчност, страв, недоверба, фрустрации и љубомора; концепти што генерално се сметаат за „зло“. Правдата што беше побарана кај нас не беше замислена рамнотежа преку која луѓето се обидуваат да ги оправдаат огорчените емоции на лутина и желба за одмазда. Таа не беше одмазда на просветен човек. Тоа беше повик за линч. Чиста и брутална одмазда. Позната во правото како lex talionis-око за око, заб за заб.

Не можете да го осудувате оној што не знае. Господ толку му дал. Но, кога незнаењето е во сојуз со политиката и власта, го креирате вистинскиот непријател што може да го има правдата. Стварно некој помисли дека необразовани и неписмени правници ќе бидат способни да ја испорачаат правдата во општеството. Онаа „шарената“. Се прашувам кој беше услов за нивен избор во сега компромитираното специјално јавно обвинителство? Сигурно не референците и нивното професионално портфолио. Едно големо ништо.  Можеби нивниот слушен апарат? Друго не ми доаѓа на ум. Сепак, нивниот избор говори повеќе за желбата и искреноста на политиката да се испорача правда во општеството, отколку за габаритот (секаков) на специјалниот обвинител/и.

За секој што постигнал нешто повеќе во својот професионален развој ликовите што требаа да ја испорачаат правдата во нашето општество ги доживеаја како навреда и понижување на нивните постигнувања. Беа и останаа чир во правниот систем. Карикатура на владеењето на правото. Театар на апсурдот. Кога од обвинители ќе направиш селебрити, крајот е баш таков каков што го очекуваш. Политички инагурирани, политички отфикарени. Ја понижија правдата низ промоција на злото против кое требаше да се борат. Од борци за правда станаа промотори на криминалот. Станаа олицетворение на невидена алчност и безобзирност. Без морален и личен интегритет за нив правдата никогаш не беше рационален концепт, за сметка на одмаздата како емоционален. Заборавија дека правдата не е лична, не е осветољубива и е непристрасна. Заборавија или незнаеја. А како би знаеле кога јавната промоција на криминалниот црвен тепих и ташните им беше поважна од правото. Душички.

За жал оддамна, не политиката, туку правната фела требаше да му пресуди на Специјалното јавно обвинителство. Што не се случи. А, како да се случи кога кокетираше со него.

И за крај. Правдата во македонското општество не е правда ако не биде побарана еднакво за сите. Правдата е неутрален концепт, а не идеолошки. Кога идеолошки ќе ја обоите правдата остануваат заборавени илјадниците стечјни работници што останаа без работа кога се крчмеше општествениот капитал во деведесетите, штедачите на ТАТ,  жртвите на конфликтот во 2001 и сите други жртви на транзицијата. Но, најстрашно заборавени остануваат оние илјадници луѓе на кои им беа брутално одземени животите во комунизмот, оние чии животи станаа казна со која мораа да живеат, оние на кои им беше корумпиран сонот и репресирана љубовта кон татковината. Тие се „грдото лице“ на вистинскиот режим што сака некој да го избрише од колективната меморија на македонскиот народ. Затоа нив не ги видоа „шарените“ трагачи по правда. Не ги видоа, или не сакаа да ги видат. Зашто страдањата на овие луѓе за нив е грдо минато на кое не сакаат да се сеќаваат. А, и зошто би. Во нивниот обоен европски свет сликите на ова минато се црно бели. И, реално им го нагрдуваат селфито со минатото. Но затоа селфито со иднината им е фотошопирано.

Реалноста денес е поделена и антагонизирана како никогаш досега. Ниту правда ниту мир. Само желба за одмазда. На  двете страни. Која нема да престане. Во држава во која живееме и делуваме од состојба на немир, несогласувања, злоба, гнев, бес, незадоволство, одмаздата не смее да биде опција. Се прашувам колку туѓото страдање може да ја задоволи нашата жед за одмазда. Да може. Но само за момент. Затоа без правда за сите, се друго ќе биде пат на злото кон кое полека но сигурно се движиме. На патот на одмаздата сите губиме. Ако веќе не изгубивме.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес