Кога сидрото ќе повлече напред… во деведесеттите!

Е, ај аирлија. Заев конечно застана зад зборот. Си даде оставка, отворајќи го патот за нови избори. И веднаш ги чувствуваш силните флуктации на политиката кои се движат меѓу еуфоријата (победа на изборите) и паника (како што се приближуваат изборите), илузиите и убедувањата дека променетата форма ќе значи и променета содржина. Секако на политиката. Изгледа време е некој да стори нешто политиката во Република Македонија да ја постави на начелата што ќе го одразуваат државниот интерес и волјата на македонскиот народ. Нешто со што бескрупулозно си поигра сегашната власт.

Мислам дека на изборите во април новата власт нема да биде оценувана од граѓаните по тоа колку се разликува од претходната. Залудно ќе биде освежувањето на нашето сеќавање за тоа што претходната власт (не)направила и украла. Овие избори ќе бидат војна за вистината и довербата. Зашто нема да биде важно дали пораката е лажна, туку ќе биде важно дали се повторува доволно често. Во ваков амбиент само вистински демократски ориентиран политичар, заедно со граѓаните може да се спротистави на недоговорните „демократски“ структури што се креираа во последниве години.

Целата измама околу промената на името, „историскиот“ договор за добрососедство со Бугарија кој ги разгоре историските претензии кон Македонија, изобличување на демократскиот процес на одлучување со уценети и купени гласови, како и дезинформирањето што е без преседан во историјата на оваа држава (сетете се на онаа антологиска слика од авиончето кога власта го прославуваше датумот за отворање преговори со ЕУ) се влогот на оваа власт во иборниот процес. Тоа се нејзините конкретни мерливи резултати. И да! За малку да заборавам. Корупцијата! И не која било, онаа државно спонзорираната. Оној уметничко криминален перформанс наречен „Рекет“. Поради кој сме сеуште во чекалницата за ЕУ.

Затоа оваа власт не може да се споредува и да се разликува од ниедна досегашна. Ако воопшто може да се нарече власт. Поточно, узурпатор на демократскиот процес. Дивоградба во политичкиот систем на Македонија. Донесена и октроирана да испорача туѓи агенди, интереси и цели. А народот? Го прашаа, па го изманипулираа. Морам да признаам дека низ нејзината весела математика за време на референдумското изјаснување се надмина себеси. Успеа да ја направи политиката уметност за превенирање на граѓаните да бидат дел од процесот на непосредна демократија. Особено кога се носат одлуки што ги засегаат националните интереси.

Кога државата ќе ја претворат во домаќин на вирусот на лаги, измами и бескрупулозни дигитални илузии, можеби солзата од Лондон на Министерот за одбрана и ќе трогне некого, а нејзината логоречивост и оптимизам ќе не’ убеди дека реалноста во која живееме не е тоа. За жал многумина не живееме во нејзината реалност. Затоа и се изборите. Да знаеме во каква реалност сакаме да живееме. Нејзината, или онаа другата.

Што може да очекуваме од изборниот процес? Лаги, црна кампања за преживување (не само политичко) преку засилена и бескрупулозна кампања на дезинформации преку интернет и социјалните мрежи, ризик од странско мешање. Звучи познато? Заморен и збунет електорат е идеална почва за манипулации. Кои веќе започнаа. Илјадници персонализирани микро кампањи веќе се одвиваат наизглед подалеку од партиските машини и традиционалните медиуми, но главно под нечија политичка контрола. Од сега па натаму одговорноста е лична, на секој од нас, ако изборите бидат решени со влијание на лаги и манипулации.

По се’ што се случуваше во последниве две ипол години власт, туркањето на политиката кон апсурд е свесна стретегија на Заев. За него политиката никогаш не била интелектуален компетитивен процес, туку обична манипулација со фактите и вистината и шанса да се биде некој, наместо да се направи нешто. Затоа подготвен е на се’.

А, дека е подготвен на се’ потврдува ангажманот на старите „бардови“ (од изјавата на министерот за внатрешни Чокревски: „во брак со полицијата“) од 90-тите. Можеби да му дадат шмек на изборниот процес. Ама читам стари навики си се стари навики. Повторно изнудувале, уценувале, рекетирале и манипулирале како во старите добри времиња. Добрата стара гарда од 90-тите, засилена од социјалните медиуми и новиот дигитален пренос на информации повторно си најде „политичар“ за молзење. Тоа ти е кога сидрото ќе ве повлече напред. Во деведесеттите.

За жал предоцна дојде изјавата на Претседателот дека „налудничавиот закон на Груевски за лустрација“ требало да биде укинат порано. Да беше, а не е, како ќе знаевме за „демократскиот бекграунд“ на „бардовите“ во македонската политика, новинарство, култура. Кои секогаш се појавуваат во т.н историски периоди на оваа држава. Диригирани луѓе за диригирана иднина. Како и сега. Тоа ти е кога вирусот од деведесеттите ќе го пренесеш во XXI век.

П.С. За потсетување: „Налудничавиот закон за лустрација на Груевски“ донесен е со консунзус од најголем број на пратеници од сите партии во Парламентот, 93 на број. Прашање за милион долари: Кој беше лицемер тогаш?

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес