Кога сонцето е најсилно, во Германија се исклучуваат соларните централи

Парадокс што малкумина го очекуваа – додека целиот свет зборува за чиста и стабилна електрична енергија, во Германија се исклучуваат бројни соларни централи од мрежата, токму кога произведуваат најмногу струја.

Сопственикот на соларна централа во германскиот град Аурах, Јенс Хасеман, за агенцијата Франс прес (AFP) изјави дека причината за исклучувањето лежи во честото преоптоварување на далноводите поради што операторот на мрежата е принуден да го прекине напојувањето од соларните панели.

Оваа година имало повеќе од 120 дена присилно исклучување, рече Хасеман, нагласувајќи дека тоа е „предавство на населението“, бидејќи цените на струјата се во пораст.

Германија цели на 80 отсто електрична енергија од обновливи извори до 2030 година и во оваа смисла промовира изградба на соларни централи низ целата земја, но камен на сопнување за брза енергетска транзиција е развојот на инфраструктурата која бара повеќе време.

Додека за да се пушти во употреба соларна централа потребни се само неколку години, за да се ажурира потребната инфраструктура потребни се меѓу пет и 10 години, изјави за AFP Рајнер Клидорфер, шеф за развој во мрежниот оператор „Енерџи“ (N-Ergie).

Токму поради недоволно развиената придружна инфраструктура, соларните панели на Хасеман, до крајот на годината ќе испорачаат само половина од својот капацитет, додека во идеални услови се во состојба да напојуваат околу 50 домаќинства.

Јагленот како „инстант“ решение

Откако Москва ја намали испораката на гас на Германија за 80 отсто, Берлин интензивно бара алтернативни извори на енергија за да го компензира недостатокот.

Иако половина од европските електрани на јаглен беа затворени минатата година, цврстото фосилно гориво се враќа на голема врата како можен „спас“ од енергетската криза.

Меѓународната агенција за енергетика (IEA) предупредува дека побарувачката за јаглен наскоро би можела да достигне највисоко ниво во историјата, бидејќи многу електрани на јаглен што не се во функција повторно ќе започнат со работа.

Потсетуваме, во Германија неодамна повторно беше пуштена во употреба термоцентралата „Мехрум“ со моќност од 690 мегавати по измените во законот со кои се овозможува повторно активирање на затворените централи на јаглен и нафта.

Термоцентралата „Мехрум“ официјално престана со работа минатата година во декември, но беше дел од мрежата на „резервна енергија“, т.е. може да се активира во итен случај. Се очекува дека наскоро повторно ќе бидат пуштени во употреба и други термоелектрани на јаглен, соопшти германската влада.