Кои директори ќе „летаат“ уште од утре?

Започнува неделата во која комплетно ќе заврши процесот наречен „метла“. Премиерот Зоран Заев најави дека неделава, односно веќе од утре ќе се знае и кои 20 директори ќе бидат сменети од позициите и кој ќе ги наследи во фотелјите, пишува Фактор.

Претходно имаше некои смени на министерски места, иако остана впечатокот дека и покрај најавите, единствена голема промена е тоа што министерот за финансии Драган Тевдовски беше сменет, а на негово место Заев си се постави самиот.

Нема многу конкретни информации кои директори ќе „летаат“ иако според информации на Фактор промени ќе има во клучните претпријатија во државна сопственост и тоа во двете енергетски. Сепак никој не ја потврдува оваа информација, освен што и таму веќе се зборувало дека ќе следуваат промени.

Директорските смени ќе бидат соопштени, ако се суди по најавите, веќе утре на редовната владина седница.

„Идната седмица мислам дека ќе завршиме со директорските места на централно ниво, остануваат замениците министри и директорските места во подрачните единици, и тука завршува самата реконструкција. Се работи за повеќе од 20 директорски места на централно ниво и веројатно повеќе од 30-тина на локално ниво, кај подрачните единици, замениците, дел од тие места се веќе испразнети, непополнети, кои секако ќе завршат во јули, рече Заев, минатата недела.

Инаку, на Заев му истекува премолчаниот рок кои му го дадоа Антикорупциска и невладините организации, дека поради тоа што е незаконски да биде и министер за финансии, треба да си замине од позицијата раководител во Министерството за финансии, односно да најде друг човек кој ќе ја врши таа функција.

ДУИ не се произнесуваат за промените, иако велат дека се е во договор со коалициониот партнер.