Кои се барањата на Украина во преговорите со Русија?

Прекин на огнот и повлекување на војниците се работи се круцијални во преговорите

Клучната точка во преговорите за Киев е да се постигне итен прекин на огнот и повлекување на руските трупи од украинска територија, објави кабинетот на претседателот Зеленски, по започнувањето на мировните преговори во Белорусија.

Делегацијата на Киев во понеделникот пристигна на украинско-белоруската граница за да учествува во преговорите со руската делегација.

Украинската делегација дојде со два хеликоптери, како што јави руската агенција Риа Новости. Во понеделникот наутро белоруското Министерство за надворешни работи објави фотографија од просторијата за преговори, објавувајќи дека локацијата е подготвена.

Руската делегација, предводена од Владимир Медински, помошник на претседателот Владимир Путин и поранешен министер за култура, во саботата пристигна во Гомел, источна Белорусија.
Украинските власти првично одбија да испратат делегација во Белорусија, тврдејќи дека е несоодветно да се водат разговори во земјата бидејќи руските трупи ја користат нејзината територија за да организираат напади.
Минск негираше дека неговите сили учествувале во руската операција.

По телефонскиот разговор меѓу претседателите Володимир Зеленски на Украина и Александар Лукашенко од Белорусија во саботата, Киев се согласи на разговорите. Сепак, доаѓањето на украинскиот тим дополнително беше одложено поради логистички проблеми.